Во центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово е отворена самостојна изложба со наслов „Акт“ на ликовниот уметник Ненад Тонкин. Изложбата содржи осум скулптури од последните два циклуса на уметникот. Ова е деветта самостојна изложба на Тонкин.
„Акт“ е изложба на скулптури со мал и голем формат, кои се дел од два циклуса изработени и изложувани во различни периоди. Скулптурите одбрани да бидат дел од овој концептот ги спојува една главна карактеристика – фигурацијата, односно приказ на човечко тело. Другата важна заедничка особина за овие дела е што се изработени исклучиво со употреба на рециклирани материјали, отпад и „реди мејд/реди-фоунд“ објекти. Актот како ликовен мотив е многу честа појава во ликовното творештво. Претставено преку различни видови уметнички стилови, од класичен до апстрактен, човечкото тело е вечна инспирација за истражување и создавање. Во рамките на овој концепт, уметникот се обидува да го претстави човечкото тело преку една друга, нетипична перспектива на набљудување на формата и суштината на телото – се вели во најавата.