Денеска (сабота) во Битола ќе се реализира целодневен музички настан „Градот ме тера да пеам“, во рамките на програмата на фестивалот „АКТО 19“, „Јавни простори во движење (кон) 2“, во партнерска соработка со платформата „Силата еу младите“. Во рамките на настанот со концертни и диџеј-настапи ќе се претстави дел од македонската музичка сцена составена од млади и талентирани автори и изведувачи, чии квалитет и творештво се јадрото на домашната современа урбана култура.
Преку ден, во кафе-барот „Јагода“, од 12 до 16 часот, на битолскиот Широк сокак ќе се промовира „Поп култура“ – винил-компилација посветена на современата поп-продукција од млади македонски музичари. Ова исклучително винил-издание е реализирано како дел од платформата „Силата ЕУ младите“ и опфаќа песни од најрепрезентативните млади автори на македонската музичка поп-сцена: „Аудио Цигла“, Миа Перевска, Дина Јашари, Андреја Салпе, Зи, Јанг Дади, Матеј Фолтц и веќе признaениот музичар Слаткаристика. Промоцијата ќе опфати музичка програма со настапи на младите диџеи Димчуга, Гелев и Кекиќ. Вечерната програма од 22 часот до 5 часот наутро ќе се реализира во култниот битолски клуб „Јагода“. Во првиот дел од вечерта со концертни настапи ќе се претстави младата генерација музичари, претставници на современата македонска поп, рок, инструментална краут-рок и електронска музичка сцена. На сцената ќе настапат: Димитра, како претставник на локалната битолска сцена, и бендовите „Локал блу“, „Занаду“ и музичкиот проект „Поетроника“. По полноќ публиката ќе танцува на музичкиот избор на младите диџеи Јос и Мартина Пенева.
„Градот ме тера да пеам“ е една од многубројните програми уредени од Мирко Попов, реализирани во соработка со пријателите од Битола и со фестивалот АКТО како долгогодишен придвижувач на современата мисла, уметност и култура. Тие заедно создаваа нови простори за презентација на музичката култура, следејќи ги будно младите и надоаѓачки сили, со кои во една интергенерациска нишка делеа сцени, искуство и соработка. „Градот ме тера да пеам“ е песна на Мирко Попов и „ПМГ колектив“, име на јубилејното 200. издание-компилација на македонска музика селектирана од Попов.