Изложбата „Гласови“ (просторна инсталација) на Страхил Петровски се отвора денеска во Синагогата во Ступава, Словачка. Станува збор за циклус од дваесетина дела со огромни димензии, замислени и поставени како просторна инсталација, изработени во техниката акрилик на хартија или комбинирана техника на хартија.
– Во овие дела отсуствува фигурацијата, но секако, а можеби и контрадикторно, протагориниот човек како „мера на сите нешта“ се чувствува нагласено како поструктуралистичкото „присуство преку отсуство“ на Дерида. Приказната за гласовите од минатото, кои одекнуваат во сегашноста и понатаму во иднината, е претставена преку карактеристичниот апстрактно-експресивен до калиграфски уметнички ракопис на Страхил Петровски. Самата замислена нарација во сликите е трансферирана преку форми што асоцираат на ротулуси, симболично визуализирајќи ги сите досегашни цивилизациски слоеви или т.н. гласови, како (не)материјални записи од почетокот на настанокот на светот и земјата, додека асоцијативната апстракција на бои со топол земјен и задушен тоналитет и звучност, сугерира слоеви од старост, од минатото, патина на одредени артефакти тукушто излезени на површината по вековна заборавеност во длабочините на земјата – вели Маја Чанкуловска-Михајловска, историчарка на уметноста и кураторка на проектот.
Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Дипломира сликарство во 1997 година на Факултетот за ликовни уметности, во класата на Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство. В.Д.