Изложбата „Уметничкиот свет на Владимир Георгиевски“ – дел од ретроспектива“ е отворена во ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, на која прилепчани ќе можат да се запознаат со дел од творештвото на големиот македонски уметник.
Владимир Георгиевски (1942–2017) е еден од најзначајните македонски уметници, кој зад себе остави скапоцена ризница од уметничко богатство. Во неговите дела, како што вели Емил Алексиев, болска златна нишка што ги поврзува и води кон скриеното духовно благо закопано длабоко под површината на неговите слики.
– Наспроти современите насоки на движење на ликовната уметност, спроти времето и актуелноста, Георгиевски ја започнува својата творечка авантура движејќи се во спротивна насока од своите современици – одејќи назад, до затрупаните извори на уметноста, таму каде што сè почнува, враќајќи се кон загубените вредности на сликарството и на сликата, кон класичната формула и мајсторската форма… Неговите творечки занеси го водеа на долги и неизвесни патувања по пустите предели на стварноста низ долините каде што врие, се прелева и се пресоздава животот до највисоките врвови каде што воздухот е студен и проѕирен како кристал, а видикот широк и јасно може да се види светот – вели Алексиев за творештвото на Георгиевски.
Изложбата е отворена во соработка со Музејот на град Скопје во рамките на проектот „МузеумЛинк 2023“. Ка.М.