„Француски бакнеж“ е насловен концертот што ќе се одржи утревечер, во 20 часот, во салата на Филхармонијата. Диригент е Џијан Емин, а како солисти ќе настапат членовите на француското трио „Ана Кап“, кои наедно се и автори на музиката што ќе биде изведена. Гости на концертот се и виолистот Оливие Самуилан и вокалистката Бети Жарден, и двајцата од Франција.
– Пјер Миле – труба, Мануел Декок – виолина, Жан Мишел Трото – хармоника. Во ова лудо и поетско шоу, триото „Ана Кап“ свири, пее, танцува и „распарчува“ и ништо не е оставено на случајноста. Слушаме наизменични трогателни и хумористични моменти, со прецизност на швајцарски часовник. Феноменалното шоу на француското трио „Ана Кап“ е вистинско камелеонско, инспиративно патување во кое се комбинираат виртуозна музика, чудесна комедија и дадаистички песни. Тоа се тројца извонредни музичари: фасцинантен трубач, кој по секоја цена покажува неизвесност, среќен хармоничар со биполарна тенденција и срамежлив и измачуван виолинист, кој се обидува, најдобро што може, да ја спаси фарсата – најавуваат од Филхармонијата.
Оливие Самуилан студира музика на конзерваториумот во Тулуз, а потоа продолжува со студии на колеџот за музика „Беркли“ во Бостон. Тој е композитор, мултиинструменталист и неуморен патник. Покрај неговите интензивни и различни активности како изведувач, тој пишува и музика за филм и телевизија.
Бети Жарден е француска пејачка, која живее во Нормандија веќе седум години. Едуцирана е како џез-пејачка во јужна Франција од 1999 година. Шест години студирала и џез-теорија на Конзерваториумот за џез во Каен, Нормандија. Исто така ја изучувала и индиска музика, во Јужна Индија каде што престојувала 12 години. Интеракцијата меѓу џезот и индиската музика ѝ даваат препознатлив вокален сензибилитет и уникатност.
Џијан Емин застана зад пултот со Македонската филхармонија во повеќе значајни проекти изминатите неколку години, во дел од нив и како оркестратор, привлекувајќи го силно вниманието на јавноста.