Со традициналната манифестација „Во чест на Свети Трифун – во виното е вистината“ синоќа во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци започна
чествувањето на најголемиот и најзначајниот празник за тиквешките лозари Свети Трифун.

Празнувањето се одржа во прекрасна атмосфера каква и доликува за денот на виното со музика, интерпретирање на стихови инспирирани и посветени на виното и виновата лоза и се разбира со чаша добро тиквешко вино произведено од искусните и вредни кавадаречки винари и лозари.

Манифестацијата е во организација на Домот на културата во соработка со Клубот на писатели „Тиквешки цветови“ во Кавадарци, која синоќа беше збогатена и со нивни гости од Кавадарци и Неготино, кои ја имаа можноста да интерпертираат свои стихови посветени на виното. Вечерта започна со прекрасната интерпретација на „Пародија за виното“ на Микица Илова по што се редеаа стиховите и музиката. Од поетско-музичката вечер се издвојуваат настапот на учениците од Земјоделско-шумарскиот училишен центар „Ѓорче Петров“ со рециталот подготвен од нивниот ментор професорот Влатко Тасев, прекрасен избор на стихови за виното од познатиот персиски филозоф Омар Кајам и рециталот на учениците од гимназијата „Добри Даскалов“ и нивната менторка професорката Васка Петков, исто така прекрасен избор на стихови за виното.

Во рамките на празнувањето на Св. Трифун вечерва во 19 часот во музеј-галеријата во
Кавадарци ќе биде отворена традиционалната изложба на кавадаречкиот ликовен уметник Лазар Дојчинов, а утре во 12 часот во домот на културата „Иван Мазов Климе“ ќе биде отворена изложба од минатогодишната меѓународна ликовна колонија „Караманов – 2021“ од Радовиш, на која ќе бидат изложени дела од 16 ликовни уметници од повеќе земји.

Во организација на комисијата за еднакви можности на советот на општина Кавадарци
и здужението „Тиквешки семејни винарии“ утревечер во 19 часот во градската винотека се организира дегустација на вината по повод празникот Св Трифун. За недела и понеделник е предвидена богата програма која ќе се случува на градскиот плоштад со дегустација на вина и традиционалната закуска подготвена од „Вешта жена“ – Кавадарци а нема да изостане и традиционалното закројување на виновата лоза пропратено со промоција и дегустација на вина и богата културно уметничка програма со староградска музика и фолклор која ќе заврши со настап на групата Некстајм. Ми.М.