Џејн Кемпион немаше снимено филм од 2009 година. Големото враќање го направи лани, со вестернот „Моќта на кучето“, кој доби дури 12 номинации за „оскар“

Вестерн-драмата „Моќта на кучето“ ја предводи годинашната трка за „оскарите“, со 12 номинации. Режисерката на филмот, Џејн Кемпион, со тоа стана првата жена што двапати била номинирана за „оскарот“ за најдобра режија, а ривали ќе ѝ бидат Стивен Спилберг („Приказна од западната страна“), Кенет Брана („Белфаст“), Пол Томас Андерсон („Ликорис пица“) и Рјусуке Хамагучи („Вози го мојот автомобил“).
Џејн Кемпион немаше снимено филм од 2009 година. Големото враќање на филмското платно Кемпион го направи лани, со вестернот „Моќта на кучето“, сеопфатна и интимна семејна драма сместена во изолираните ридови во Монтана, во 1925 година. Филмот, во кој глумат Бенедикт Камбербач, Кирстен Данст и Џеси Племонс, премиерно беше прикажан на 78. Меѓународен филмски фестивал во Венеција.
Приказната е заснована на романот на Томас Севиџ од 1967 година, за двајца богати браќа, сточари, чија тенка врска дополнително се затегнува кога едниот од нив (Племон) се жени со вдовица (Данст), која има адолесцентен син (Коди Смит-Мекфи). Кемпион изјави дека била длабоко погодена од светот што Савиџ го создал во книгата и од ликовите што ги насликал.
– Како креативна личност, навистина не калкулирам. Ја прочитав оваа книга и само помислив дека е неверојатно парче литература. Сцени и теми од книгата постојано ми се враќаа и не можев да ги заборавам – изјави по премиерата Кемпион.
Продукцијата беше огромен потфат што ги донесе Кемпион и нејзината екипа во Нов Зеланд, единственото место за кое мислела дека ќе го приближи пустошот и убавината од романот.
– Беше тешко да се најде Монтана од 1925 година во Монтана. Има делови од Нов Зеланд што навистина се толку празни, прекрасни, заборавени пејзажи – вели таа.
Кемпион, чии филмови често се фокусираат на женски ликови, сакала да ја засили улогата на Роуз, но исто така не сакала да ја направи хероина. Данст, пак, изјави дека ги сака филмовите на Кемпион поради нивната сензуалност и приказот на „жени што се чувствуваат како вистински жени“. Оваа 67-годишна режисерка е прва жена што ја добила „златната палма“ на Канскиот филмски фестивал, со филмот „Пијано“ од 1993 година, за кој беше номинирана и за „оскар“.
Следен филм со најмногу номинации за „оскар“ е „Дина“ – 10, додека „Белфаст“ и „Приказна од западната страна“ добија по седум. Церемонијата на доделувањето ќе биде на 27 март.