Шест македонски автори ќе бидат зачленети во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) кое на 13 февруари ќе одбележи 75 години постоење.

– Се работи за автори кои добиле некоја од престижните книжевни награди и кои веќе се здобиле со сериозна писателска репутација. Поканата за членство во ДПМ во оваа пригода ја прифатија: Владимир Јанковски, Румена Бужаровска, Елизабета Баковска, Јовица Ивановски, Снежана Младеновска-Анѓелков и Никола Маџиров. Се радуваме и го поздравуваме нивното зачленување во ДПМ и очекуваме нивната понатамошна активност да донесе дополнителен квалитет и креативна разнообразност во дејствувањето на асоцијацијата – соопшти ДПМ.

Друштвото наведува дека неговото Претседателство во рамки на свечените активности одлучило да покани во асоцијацијата неколкумина истакнати книжевни творци, чии дела веќе доживеале рецепција и валоризација и во домашната и во странски средини.