„Домаќинство за почетници“, во режија и по сценарио на Горан Столевски, ја доби наградата „Квир лајан“ (на 17. издание на „Квир лајан аворд“), во рамките на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција.
Филмот во продукција на „Лист продукција“ – Скопје е награден во конкуренција од 16 филма, меѓу кои и филмовите „Дог мен“ на Лук Бесон и „Маестро“ на Бредли Купер.
Во објаснувањето за наградата стои дека: „Квир лајан со гордост го наградува филмот ’Домаќинство за почетници‘ во режија на Горан Столевски, за невообичаеното и храбро прикажување на етникумите, различностите, родовиот идентитет, љубовта, пријателството и емотивните афинитети.“
– Квир-семејствата не се иднината; тие се сегашноста! – изјави режисерот Столевски за извонредниот, трогателен и топол прием од публиката во Венеција по проекцијата на неговиот филм.
„Домаќинство за почетници“ пред два дена ја имаше светската премиера во Венеција, во рамките на натпреварувачката програма „Оризонти“, а публиката во преполната сала „Дарсена“ со голем аплауз и долги стоечки овации ги награди режисерот Столевски и актерската екипа во филмот.
Седумнаесеттото издание на „Квир лајан аворд“, која е една од неколкуте дополнителни награди што се доделуваат во состав на филмскиот фестивал во Венеција од страна на здруженија на филмски критичари, клубови и културни здруженија и кинопрофесионалци, ќе се одржи денеска, во 19 часот. Наградата е иницирана во 2007 од страна на Даниел Н. Казагранде, новинар и филмски критичар, а со поддршка на Марко Милер, тогашниот директор на филмскиот фестивал во Венеција.
Дополнително, „Домаќинство за почетници“ доби и специјално признание од италијанската фондација „Фондациони фаи рерсона лаворо“ за социјално ангажиран филм. Во објаснувањето за ова признание стои:
„Филмот е навистина извонреден бидејќи го истражува влијанието на различните слоеви на идентитет, како што се полот, етничката припадност, сексуалната ориентација и религијата преку интерсекциска призма.“