Здружението за промоција на документаристиката „Македокс“ ги почна активностите поврзани со Патувачкото кино, кое е во симбиоза со фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. По низа различни формати што беа предизвикани од надворешни фактори (ковид-пандемијата), Патувачкото кино се враќа во својот стандарден формат на реализација по завршувањето на фестивалот „Македокс“.
Два нови момента се присутни на годинашното Патувачко кино, а тоа се преднастанот, кој се одржа на 26 август покрај реката Бабуна во близината на селото Црквино, во рамките на манифестацијата „Средби на Родот“, каде што беа прикажани два креативни документарни филма, со што почна Патувачкото кино, додека вториот новитет ќе се случи пред филмската проекција во селото Теово, на 15 септември, кога ќе биде промовиран музички албум на бард на македонската и бившојугословенска музичка сцена.
Филмската програма на 14-то Патувачко кино на „Македокс“ ќе се прикаже во два термина, од 8 до 11 септември, во регионот околу Свети Николе, и од 14 до 17 септември, во Велешкиот Регион.
– Во овие 14 години успеавме да направиме мост помеѓу урбаното и локалното население во речиси стотина села и помали градови низ цела Македонија, овозможивме пошироката јавност да се запознае со културните слоеви на руралните средини, а истовремено успеавме таму да однесеме нови културолошки вредности. Од оваа година фокусот на Патувачкото кино ќе биде ставен на прибирање мемориска граѓа од постари лица во населените места каде што ќе се одржуваат проекциите – посочува Бранд Ферро, извршен продуцент на Патувачкото кино.
Филмските проекции под отворено небо на годинашното Патувачко кино ќе се одржат во Мустафино (11 септември), во Светиниколскиот Регион, додека во Велешкиот Регион на 14 септември ќе има проекција во селото Чашка, на 15 септември во селото Теово, проследена со музичка промоција, на 16 септември во селото Богомила и на 17 септември во селото Горно Оризари. Проекциите на сите локации почнуваат во 19.30 часот, а влезот е слободен.
Покрај проекцијата на креативни документарни филмови во рурални средини, организирањето на Патувачкото кино е дел од пошироката рамка на децентрализација на културата низ целата држава. Реализацијата на Патувачкото кино е поддржана од Агенцијата за филм на РСМ и од „Македокс“.