Дебитантскиот роман на Андреа Мирческа, насловен „Девојката што ја наслика смртта“, е психолошки трилер со примеси на романса, мистерија и драма. Деветнаесетгодишната Јулија го напушта родниот Охрид и заминува на студии во Академијата за уметности во Загреб. Се вљубува во студентот на архитектура Адам, но на површина испливуваат мрачни тајни од нејзиното комплексно минато што силно ја разнишуваат нивната романса. Предавства, сексуално малтретирање, убиства, нарушено ментално здравје, загуби… се само дел од низата предизвици со кои се соочуваат таа и другите ликови во овој роман.
– Додека бев на факултет, за време на мојот стаж на Психијатрија, не ме интересираа само менталните болести на пациентите туку кои се тие навистина, со и без нивната болест. Каков е нивниот живот и што ги прави тоа што се? Пред сè, сакав да дознаам дали може вистински да се сака личност со ментална болест. Сепак, на одделението за психијатрија беа хоспитализирани пациенти со сериозни ментални растројства, чија личност е расцепкана и треба да се состави. Главниот лик на мојот роман, Јулија, е токму таква личност, иако често не е свесна за тоа. Впрочем, главната идеја за книгата настана кога се обидов да си одговорам на прашањето како би изгледала сродната душа на Јулија. Така настана Адам, а сè што следуваше е историја – истакна авторката Андреа Мирческа.
Димовска-Атанасова истакна дека една од пораките што резонираат при читањето на овој роман, а во контекст на менталното здравје, е фактот дека сите имаме лузни, болки, внатрешни демони, превирања… Ако нашето тело и нашата душа се сликарски платна, нечии бои се светли, нечии темни, но тоа не нè прави помалку вредни за сакање и прифаќање.
Андреа Мирческа е докторка со голема пасија за раскажување.