Денеска е 23 април – Меѓународниот ден на книгата и авторското право, кога традиционално се упатува порака од УНЕСКО, но и од сите земји што го одбележуваат овој ден. Оваа година македонската порака ја напиша режисерот Милчо Манчевски, а таа заедно со онаа од генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, ќе биде прочитана денеска, во 12 часот, во Народната и универзитетска библиотека. Во неа Манчевски вели дека книгите му помогнале да си ја врати рамнотежата и да си го најде местото во светот.

– Единаесетти јуни 1967. Мојата прва школска година заврши вчера. Прв ден од летниот распуст. Нема школо три месеци. Другарите се радуваат. Иако не морам да одам на школо, дедо ми ме буди сабајлето. Си сакав да одам на школо. Не научив да читам и пишувам на школо – знаев да читам и пишувам и кирилица и латиница од четири години, две-три години пред првиот школски ден. Всушност, јасно се сеќавам на тој прв училиштен ден. Татко ми и јас седиме на десната страна во училницата со другите ученици и родители, ја чекаме учителката. Досадно ми е и земам „Нова Македонија“, вртам кај крстозборот и почнувам да го решавам. Девет месеци подоцна, школската година заврши и другарите одат да играат фудбал. Јас не одам со нив.

Наместо тоа, тргам на пат многу долг за едно дете на седум години. Одам сам. Одам дури до Поштенската гаража. Дотаму ми требаат добри дваесет минути. Не одам таму за поштенските камиони. Одам за малата дрвена барака паркирана пред гаражата.

Внатре има книжарница и долго време ги разгледувам книгите на полиците. И најпосле го избирам „Аловото цвеќенце“ од Сергеј Аксаков, книга според стара руска сказна. Уште ги паметам корицата и форматот. Ја гушкам книгата и ја носам дома со пеперутки во стомакот. Ми требаше книгава да го пребродиме летниот распуст. Или барем да биде првата од многуте книги кои го прават летниот распуст. Не е само дека ми се допаѓаа книги или дека сакав книги. Ми требаа книги онака како што на птица ѝ треба воздух или на тревка ѝ треба сонце. Знаеш, мајка ми умре четири месеци пред да тргнам на школо. Не се сеќавам на точните чувства кога разбрав дека умрела, ама мислам дека неверица и беспомошност секако беа дел од нив. Како наеднаш да ме беше понела водата и не можам да се закотвам. Ни татко ми, ни бабите и дедовците не можеа многу да помогнат, колку и да се обидуваа – се потсетува Манчевски на своето детство.

Понатаму во пораката зборува за светот што му помогнал да си го најде своето место. Тоа биле книгите – стрипови, книги за деца, книги за возрасни, бајки, кратки раскази, митови и легенди, приказни за каубои и Индијанци, секакви книги…

– Со часови, денови, недели, месеци целосно исчезнував во книгите. Не само што уживав во нив, јас бев нив. Ги живеев книгите во вистинската смисла на зборот. Со часови ќе мислев за тоа што значи некоја реченица и како се поврзува со она што веќе го знаеме во приказната. Или ќе го замислував светот надвор од квадратите на стрипот, обидувајќи се да поврзам цртеж со цртеж. Развивав цели предистории за приказните и луѓето што ги населуваа книгите што ги читав, знаев што се случува во гратчето таму надвор од пенџерето на хотелската соба над салунот во цртежот од стрипот или што ќе му се случи на Том Соер откако ќе заврши книгата. Книгите ми помогнаа да си ја вратам рамнотежата и да си го најдам местото во светот. Не е важна само информацијата што ја добиваме од книгите – иако информацијата што се пренесува од колено на колено е она што ја прави цивилизацијата цивилизација.

Важно е чувството што книгата ќе ти го донесе во срцето. Чувството на припаѓање.

Припаѓање на свет што е исто толку богат и важен колку оној во кој престојуваат твоите крв и месо. И открив дека тоа припаѓање беше клучно за мојот опстанок тогаш.

И откривам дека е клучно за мојот опстанок сега – пишува Манчевски во пораката.

И еден од најважните балкански писателски бардови, Миљенко Јерговиќ, пишува колумна по овој повод.

– Цивилизацијата неколку илјади години се мери по книгите. Значи, ни по археолошките ископини, ни по пирамидите, ни по вистинската или измислена историја, ни по страдањата во Втората светска војна и сите други војни, ни по јунаштвото во истите тие војни, ни по членството во Обединетите нации, Европската Унија и НАТО, па дури ни по пласманот во финалето на Светското првенство во фудбал. Само и исклучиво по книгите – вели Јерговиќ за важноста на книгата.
Издавачите во пресрет на Светскиот ден на книгата апелираат до читателите да се погрижат за содржината, а не за корицата на книгата. Статистиката на објавени книги на подрачјето на Европската Унија покажува дека од година на година вкупниот тираж на книгите што се печатат се намалува, но се зголемува бројот на поединечни наслови. Тоа значи дека денес е поголем бројот на наслови, но бројот на примероци од тие наслови е значително намален од пред 10 или 20 години.


Во подготовка е 31-от Саем на книгата

Во ВИП-арената „Борис Трајковски“ од 8 до 14 мај ќе се одржува 31-от Саем на книгата, на кој годинава земја во фокусот е Унгарија, а ќе учествуваат и издавачки куќи од Србија, Косово и од Албанија. Покрај понудата на изданија со саемски попусти, планирани се и промоции и средби со автори.
– Подготовките се во завршна фаза. Како и секоја година, очекуваме Министерството за култура како покровител на саемската манифестација да овозможи поддршка за издавачите, овозможувајќи соодветни услови за промоција на литературата и издавачката дејност на Саемот на книгата 2019. Саемската манифестација, која пред сè го слави читањето, ќе се одржува од 8 до 14 мај. Имајќи ги предвид националниот интерес и значење на Саемот на книгата, очекуваме активно учество на Министерството за култура – изјави Сања Кондарко, проект-менаџерка на Саемот на книгата.