Под мотото „Украдени движења“, до 7 јуни ќе се одржува фестивалот за современ танц „Танц-фест Скопје“. По 17. пат се танцува на повеќе сцени во Скопје, а првпат една од претставите ќе биде одиграна и во Домот на културата во Тетово. Во рамките на фестивалот гостуваат Жигон Крајнчан од Љубљана, Словенија, со претставата „Фјужн њитх мајселф“, Загребачки плесни ансамбл со кореографијата на шпанскиот кореограф Розе Лопез Еспиноза, со наслов „Ревел Ревел“, а публиката во Скопје и во Тетово ќе има можност да ја види и изведбата на францускиот танчар и кореограф Амала Дијанор „Ман Рек“.
Наедно, на фестивалот ќе се претстават и младите кореографи Адријана Данчевска со „Не допирај ми ги очите“, Филип Петковски со танцовиот филм „Витро“, Валентино Апостоловски, кој во соработка со режисерот Благој Мицевски ќе го изведе делото „Најлон“, и Дејан Битровски со „Ѓаволска дупка“.

Во рамките на фестивалот своја програма ќе имаат и студентите по современ танц од Универзитетот „Гоце Делчев“, а втората генерација студенти од Катедрата за современ танц при Филмската академија ќе ја изведат нивната дипломска кореографија.
„Скопје танцовиот театар“ ќе го одбележи својот 10-годишен јубилеј со кореографијата „Меѓусвет“ на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски и сценографија на Матеа Мијановиќ, која е инспирирана од песната „Убавите жени“ на Блаже Конески. Со оваа претстава, „Скопје танцовиот театар“ дава свој придонес во славењето на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески, и одбележувањето 100 години од неговото раѓање.
Традиционално, на фестивалот ќе се доделат и наградите „Менада за врвно остварување и животно дело во областа на танцот“, „Менада за млад уметник“, а ќе биде одбележано и творештвото на истакнатиот балетски уметник Тони Баталаков. За младата генерација, во рамките на фестивалот ќе се одржи „Отворена програма“ со настапи на танцови студија од Битола, Скопје, Струмица, Велес и од Куманово, како и повеќе работилници за современ танц со странските гости.