Концерт со наслов „Младите доаѓаат“, на кој ќе настапат ученици од државните музички училишта, ќе се одржи вечерва во 20 часот во Филхармонијата. На програмата ќе бидат дела од Хајдн, Пихл, Штамиц, Моцарт, Глук, Сен-Санс и Григ. Како солисти ќе настапат: Софија Михајловска – пијано, Огнен Златанов – контрабас, Јосипа Василевска – флејта, Виктор Рафајловски – пијано, Теодора Пејиќ – соло-пеење, Магдалена Дрмач – виолончело и Гоце Златев – пијано. Концертот ќе го води диригентот, маестро Сашо Татарчевски.
Сашо Татарчевски дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност – Скопје на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и во Сартеано. Настапувал со различни ансамбли вклучувајќи ги и: Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на Битолското културно лето, Солисти на ФМУ, Симфонискиот оркестар на ФМУ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави. Во моментов работи како професор на Факултетот за музичка уметност по група предмети од областа на диригирањето. Диригент е на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про арс“.