Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, вечерва, во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Сузан“ на уметницата Ивана Мојсовска, која ќе се претстави со две слики и пет фотографии. Изложбата е инспирирана од веќе реализираниот танцов перформанс во колаборација со кореографката Адријана Данчевска, која е и субјект на овие дела.
– Сузан е измислен карактер што ни ги пренесува екстремните расположенија на една млада жена што се бори со сопствените емоции и пориви. Во овој проект, карактерот на Сузан е повторно предмет на естетската материјализација каде што преку фотографијата како медиум, ги доловувам моментите на екстаза и кинестетичка емпатија. Во дел од фотографиите акцентот е ставен на централниот субјект, односно ја гледаме Сузан во нејзината трансцеденција, додека во другите дела Сузан е ставена во улога на спектатор и симболично ни ја прикажува сврзаноста на делата со кинестетичката емпатија. Анализирајќи ги танцовите перформанси и фокусирајќи се на перформативноста како процес од кој произлегува некаква акција, се обидувам да го замрзнам тој жив и интензивен момент на одвивањето на самиот уметнички чин – вели уметницата.
Ивана Мојсовска во 2020 година ги завршува магистерските студии на ФЛУ со самостојна изложба во МКЦ. Досега реализирала две самостојни изложби, има учествувано на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Во последнава година остварува контакт со уметничка куќа во Франција каде што ги изложува своите дела. Добитничка е на наградата „Четирите мајстори на модернизмот“ на ФЛУ. Ка.М.