Актерката и пејачка Џенифер Лопез на социјалните мрежи сподели тизер од нејзината претстојна романтична комедија „Омажи се за мене“, со Овен Вилсон и Малума во главните улоги.
Во филмот, Лопез ја игра Кет Валдез, позната поп-пејачка што ја раскинува свршувачката со друга суперѕвезда, пејач што го игра Малума, кога дознава дека ја изневерил. Таа брзо закрепнува и решава да се омажи за Чарли Гилберт (Вилсон), комплетен странец, на еден од нејзините концерти. „Омажи се за мене“ е адаптиран од истоимениот роман на Боби Крозби.
На тизерот се појавува Лопез како ја пее „On My Way“, песна од официјалниот саундтрак на филмот. Првата сцена го прикажува Вилсон како Чарли додека стои во публиката на еден од концертите на Кет. Тој држи знак на кој пишува „Омажи се за мене“. Кет, која носи блескав превез, го гледа Чарли во толпата, покажува кон него, го носи на сцената и очигледно ја прифаќа понудата. Тие двајца тоа го официјализираат со бакнеж пред илјадниците обожаватели.
Ова е првиот филм на актерката по хитот „Измамничките од Волстрит“ од 2019 година. По „Омажи се за мене“, таа ќе глуми во акцискиот филм „Убиствена венчавка“, заедно со Џош Думел, Кали Хернандез и Чич Марин.