„Скапоцена“ од францускиот режисер Пол Мас е прогласен за најдобар филм на второто издание на фестивалот за европски анимиран филм „Флипбук“, кое се одржа од 12 до 15 август.

Жирито на главната програма и програмата на музички анимирани видеа, во кое членуваа Александра Плавска од Полска, Славе Лукаров од Хрватска и Златко Гелески од Македонија, го прогласи „Скапоцена“ за најдобар филм поради извонредно силната приказна за општествените притисоци, приказна која функционира на многу нивоа.

– Непредвидливите нијанси градат динамичен и неочигледен наратив кој многу лесно се сретнува во денешниот училишен свет. Искрениот начин на кој пораката се пренесува на гледачот го прави овој анимиран филм универзално разбирлив – се наведува во одлуката на жирито.

Специјалната награда жирито му ја додели на филмот „Арка“ на хрватскиот автор Натко Стипаничев. За најдобро музичко анимирано видео, наградата му припадна на режисерот Баптист Гроазил и спотот „Љубовта на богомолката“, поради создавањето на еден мрачен и сонлив свет и збогатувањето на музиката со одличната употреба на филмската структура која го преведува звукот во визуелно искуство. Првата специјална награда жирито му ја додели на спотот на Харисон Флеминг, „Планина“, а втората на македонскиот режисер Гоце Илиевски за „Сеќавања“.

За најдобар анимиран документарен филм, жирито составено од Мартина Мештровиќ и Ката Гугиќ од Хрватска и Михаил Наумов од Македонија, го прогласи „Обичен човек“ на германската авторка Шоко Хара.

– Филмот освојува со своите сурови визуелни решенија, искомбинирани со експресивна анимација, елементи на колаж и архивски снимки, кои креираат еден фантастичен свет на токсични врски, однапред осудени на смрт – гласи образложението на жирито.

Специјалната награда во оваа категорија жирито му ја додели на филмот „Оџачари“ на француско-германскиот автор Фредерик Шулд.

– Филмот не поведе низ еден шармантен свет на алкохолни меури, бизарни мачковидни влечуги и груби шарени визуелни решенија. Комбинацијата од неоптоварена младешка свежина со големата доза бизарност не остави обземени од чудење и изненадување – напиша жирито.

Специјалната награда на жирито отиде кај студентскиот филм „Храмот на Анемона“ заради тактилното искуство кое ја потенцира уникатноста и силата на анимацијата како медиум. Наградата од онлајн-публиката му припадна на филмот „Машина за перење“ од чешката режисерка Александра Мајова.

За време на физичкото издание на фестивалот, на онлајн-платформата „Синесквер“, публиката можеше да ги погледне сите филмови и да гласа за најдобриот филм. Во рамките на „Флипбук“ беа прикажани повеќе од сто кратки анимирани филмови во следните програми: „Современ полски и хрватски анимиран филм од жени режисери“, „Панорама на европски анимиран филм“ и официјалната селекција на филмови во главната програма, програмата „Анидок“, студентската програма и програмата на музички анимирани спотови.

Овогодинешното издание на „Флипбук“ беше поддржано од Агенцијата за филм, „ЕУ за тебе“, Министерството за култура, Град Скопје, платформата „Синесквер“ и од „Еуропа Прима“.