Проблематична тинејџерка ги истражува темите на осаменоста, отуѓеноста и лицемерството, нарушувајќи ја рамнотежата на една брачна двојка откако ќе дојде кај нив на гости. Ова е сижето за новиот македонски игран филм што ќе почне да се снима деновиве, на локации во Скопје и во Охрид.
Станува збор за психолошка драма, долгометражно деби на режисерката Елеонора Венинова, која го напиша и сценариото. Продуцентот, Гоце Кралевски од „ДНФ филмс“, споделува дека неодамна „Преекспонирано“ ја доби поддршката од Европскиот фонд за поддршка на кинематографијата „Еуроимаж“.
– Драго ми е дека успеваме и во овој период на затишје за македонскиот филм поради пандемијава, да ги направиме финалните подготовки..

Имаме одлична екипа, која не само е професионална туку и строго се придружува на протоколите за заштита и верувам дека ќе се движиме според нашиот план. Локациите се веќе одбрани, а филмот, освен препознатливите пејзажи крај Охридско Езеро, ќе го содржи и урбаниот дел на градот, ова е современа приказна – вели Кралевски.
Филмската екипа ја сочинуваат актерите Сара Климоска, Благоја Веселинов, Камка Тоциновски, кинематографер е Лев Предан Коварски од Република Словенија, сценограф е Срѓан Митровиќ-Џиџи, костимографка е Жаклина Крстевска, а маските и шминката се на Горан Игњатовски. „Преекспонирано“ е копродукциски проект што, освен од Агенцијата за филм, доби поддршка и од Филмскиот центар на Србија и „СЕЕ синема нетворк“, а поддршката од „Еуроимаж“ е во делот на развој на копродукции. Изминатиов период филмот учествуваше на повеќе работилници за развој, меѓу кои се и програмата „Директорс фортнајт“ во Кан, „Сараево филм фестивал“, „Синемед“ во Монпелје и многу други.

„Преекспонирано“ е во продукција на „ДНФ филмс“. Режисерката Венинова зад себе има три краткометражни филмови „Знакот“, „Влакна“ и „Борба за смрт“, како и повеќе серии. „ДНФ филмс“, пак, ја потпишува продукцијата и на краткометражните „Борба за смрт“, „Последните камбани“ и „Бале“.