Наградата „аудентиа“ првпат е доделена во 2016 година, на „Истанбул филм-фестивал“, а честа да ја освои ѝ припадна на режисерката
Анка Дамиан, за филмот „Магичната планина“

Сараевскиот филмски фестивал годинава ќе биде домаќин на наградата „аудентиа“ за најдобра режисерка, која ќе биде доделена петти пат, а ја основаа Советот на Европа и фондот „Еуримаж“, за промоција на рамноправноста на половите во европската филмска индустрија.
Наградата е репрезент на храброст и смелост, клучна особина за секоја жена што сака да оствари кариера на филмска режисерка. Поради тоа и „Еуримаж“ сака да им оддаде признание на жените што имале храброст да ја одберат режијата за животна професија, правејќи ја истовремено својата работа видлива и инспирирајќи други жени да ги следат нивните чекори.

Петтата лауреатка ќе ја избере тричлено жири, чии имиња наскоро ќе бидат објавени. Наградата ќе ѝ биде доделена на режисерка на долгометражен филм од една од програмите на 26-от СФФ, како поддршка за нејзиниот следен филм.
Наградата „аудентиа“ првпат е доделена во 2016 година, на „Истанбул филм-фестивал“, а честа да ја освои ѝ припадна на режисерката Анка Дамиан, за филмот „Магичната планина“.

Домаќини на доделувањето во наредните години беа филмските фестивали во Локарно (2017), Торонто (2018) и Гетеборг (2019), а признанието го добија Валери Масадијан за филмот„Мила“, Алам-Варк Давидијан за филмот „Фиг три“ и Миа Енгберг за остварувањето „Среќник“.
СФФ е избран годинава за домаќин на наградата поради своите ангажмани во борбата за еднаквост на половите. Фестивалот е потписник на повелбата за рамноправност на половите во филмската индустрија.