Новото издание на културно-забавното лето во Трпејца ќе почне на 20 јули, од 20.30 часот, токму на зајдисонце, во организација на здружението „За Трпејца со љубов“. Честа да ја отвори манифестацијата со изложба на свои ракотворби, филигран со срма, ќе ја има Дијана Велјаноска од Охрид, со потекло од Трпејца.
Следниот ден во вечерниот термин ќе биде промовирана новата книга на Миле Миќуновиќ со наслов „Метафора“, во издание на библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид, а ќе настапи и музичкото дуо „Блек мун“.

На истата отворена сцена „Кај бунарот“ премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Трпејца на дланка“, работен по сценарио на Милчо Јованоски, а во режија на Томе и Кристијан Љушеви. Таа вечер публиката ќе се дружи и со гитарата на младиот охридски музичар Мартин Милески, автор на музиката во веќе споменатиот документарец. Во вечерите потоа, на веќе култното „На зајдисонце“, ќе следуваат средби со Живко Поповски-Цветин и неговите „Цвеќиња на мирот“, евергрин-вечерта со Емилија Маринова и Јане Тодороски, презентацијата на колажот записи од познатиот писател и публицист Данило Коцевски, посветени на Трпејца, а интерпретирани и прераскажани од актерката Марија Кондовска и неговата ќерка, новинарката Јана Коцевска.

Почитувајќи ги сите протоколи што ги наложува заштитата од ковид-19, мини-концерти ќе имаат и хит-групата меѓу младите охриѓани, а и меѓу повозрасните, „Броз“ со лидерот Владимир Сарафилоски и ансамблот „Билјана“. И годинава актерката Марија Новак ќе ја одржи театарската работилница со деца летувалци и деца од Трпејца и на сцената заедно ќе прикажат што научиле, а ќе биде отворена и изложба на дела од втората интернационална колонија „Трпејца 2019“.
– Кога сме кај традициите, уште два настана се особено привлечни: работилницата „Цртаме на зајдисонце“ со уметникот Слободан Пупиноски и вечерната променада „Со кајче по езерото“. Млади музичари ќе свират на виолина, гитара, флејта и хармоника, а гостите од брегот, куќите и од рестораните ќе можат да уживаат во нивната музичка изведба. Во текот на деветте дена во Трпејца ќе се одржат и традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“, излетот до Чоколско во соработка со НП „Галичица“ како и натпреварот „Фаќаме риба на јадица“.

Пандемијата го правеше неизвесно одржувањето на деветтото издание на културно-забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца, кое веќе стана препознатливо по своите содржини, но тоа сепак ќе се одржи – велат организаторите.
И годинава покровител на манифестацијата е Општина Охрид, а покрај Министерството за култура ова издание првпат финансиски ќе биде помогнато и од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, како и од други спонзори.