Издавачката куќа „Готен“ го објави романот „Амок; луксембуршка љубовна приказна“ од писателот од Луксембург Тулио Форџарини. Преводот од италијански јазик е на Анета Симовска. Тоа е роман на луксембуршкиот писател Тулио Форџарини, кој во 2013 година ја добива наградата за литература на Европската Унија.
Романот низ призмата на петнаесетгодишниот протагонист, кој живее на општествените маргини, проговорува за проблемите на социјалната изолација, запоставеноста, недостигот од перспектива, нарушувањето во однесувањето и бесмисленото насилство. Книгата е напишана на толку интензивен начин што го вовлекува читателот во фиктивниот свет на главните ликови, кои, пак, се обидуваат да побегнат од стварноста. Станува збор за сурова и страсна книга, на моменти шокантна и брутална, исполнета со сцени на секс и насилство, преку која Форџарини кажува многу важни нешта за современото општество и за некои од најважните тинејџерски проблеми на денешното време, од однесувањето на училиште преку користењето опијати до адолесценскиот секс.
Тулио Форџарини студирал историја во Луксембург и во Стразбур. Работел како професор по историја, латински и географија. Активно е вклучен во проекти што се занимаваат со деца што потекнуваат од тешко општествено опкружување. Форџарини пишува раскази инспирирани од ноар-филмот и криминалистичкиот жанр.