Нова книга раскази од Оливера Ќорвезироска

Циклусот раскази „Престапни години (прозен календар)“ од Оливера Ќорвезироска е новото издание на „Бегемот“, кое е сместено во едицијата „Наше маало“, посветена на современата македонска прозна фикција.
– Секој ден од годината е нечиј роденден, именден, празник, светски ден на „ова или она“. Роденденот на волуменозниот, минуциозно осмислен и (до збор) виртуозно изведен прозен проект на Оливера Ќорвезироска, книгата едноставно наречена „Престапни години“, е вистински празник за современата македонска микрофикција. Овој „прозен календар“ на Ќорвезироска е вистински читателски деликатес (и во квантитативна и во квалитативна смисла). Пред нас се 366 вибрантни, луцидни и вдахновени кратки прози, микрофикции, кои осцилираат меѓу краток расказ, дневнички запис, микроесеј, цртичка, прозен медалјон, прозен фрагмент… Оливера Ќорвезироска е авторка која и во прозните и во книжевно-критичките остварувања му посветува речиси опсесивно (во најубава смисла) внимание на јазикот и како основна алатка на создавањето уметнички светови, но и како нешто што е постојано живо, свето и слоевито. Затоа, еден вид главен јунак во овие кратки приказни е токму јазикот (и економијата на јазичниот израз). Во само неколку реченици, покрај рефлексиите за проникнувањата меѓу животот и уметноста, еден вид лајтмотив на ракописот е проникнувањето на личната приказна и премрежињата на нашево време – ќе напише меѓу другото Владимир Мартиновски за книгата на Ќорвезироска, укажувајќи дека формулата и структурата на „Престапни години“ се едноставни: по една кратка проза за секој ден од календарот на една престапна година.