Во организација на Министерството за култура и Координативниот центар за културна соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа, почна Четвртиот министерски форум за културна соработка, кој денеска и утре (25 и 26 ноември) се одржува во Скопје.

Учесниците на Форумот ги поздрави министерот за култура Хусни Исмаили, кој посакувајќи им срдечно добредојде во своето обраќање истакна дека Македонија како домаќин на Четвртиот министерски форум за културна соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа, ги демонстрира заложбите за продлабочување и интензивирање на културните врски меѓу државите кои се дел од оваа платформа.

– Во изминатите две години откако Центарот за координација на културната соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ ја започна својата мисија посветено и ангажирано се насочивме кон реализација на низа иницијативи во насока на зближување и унапредување на културните релации меѓу уметниците, здруженијата и институциите од земјите кои се дел од Процесот како и евидентирање, размена и дистрибуција на информации од областа на културата – истакна Исмаили.

Тој додаде дека Координативниот центар организираше и партиципираше во повеќе активности со свои претставници и експерти, врвни уметници и познавачи од областа на културата.

– Благодарение на програмите на „Патот на свилата“ и „Појасот“, започнати во рамките на Процесот „17 + 1“, наши институции и уметници од различни профили имаа можност да ја посетат Народна Република Кина и да стекнат вредни искуства што ги надградија нивните стручни знаења и вештини, за што упатуваме посебна благодарност до г-дин Луо Шуганг и Министерството за култура и туризам на Народна Република Кина – рече министерот за култура Исмаили.

Кинескиот министер Луо Шуганг истакна дека клучот за здрави односи помеѓу земјите е во пријателството помеѓу нивните народи врз основа на меѓусебно разбирање.

– Врската меѓу народите е од суштинско значење за одржливоста и големиот успех на нашата културолошка соработка. Уште од првата министерска средба одржана 2013 година, остваривме инспиративен напредок во соработката во културата помеѓу НР Кина и ЗЦИЕ, со што се доближија нашите културни кругови и нашите народи се подобро меѓусебно информирани – рече кинескиот министер за култура, кој меѓудругото истакна дека во 2020 година, Македонија ќе биде домаќин на Форумот на Унијата на библиотеки помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа.

Присутните на Форумот ги поздрави и претседателот на Владата, Зоран Заев кој истакна дека во изминатите неколку години НР Кина редовно се појавува на листата на топ 10 земји со кои Македонија има најголем обем на трговија, рангирајќи се на седмото место во 2018 година.

– Токму во однос на културна соработка, сакам да нагласам дека големо е задоволството да се присуствува на овој значаен настан со кој отвораме ново поглавје во меѓународната културна соработка – рече претседателот на Владата, Заев.

Тој додаде дека оваа иницијатива претставува извонредна можност за сите нас, без оглед на нашата големина и ресурси, да се вклучиме и сите заедно да придонесеме за унапредување на нашите врски, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Претпладневниот дел на Форумот заврши со усвојување на Скопската декларација, за културна соработка на земјите учеснички во Процесот „17+1“, која содржи План за соработка во културата за следните две години (2020-2021). Планот опфаќа активности во областа на културните и креативните индустрии, културното наследство, филмот и дистрибуцијата на филмови, униите на библиотеки, како и составување на симфониски оркестар од 18 земји членки на Процесот „17+1“.

На Форумот ќе биде промовирана и веб-платформа за комуникација, координација и вмрежување на културните институции, културните работници и уметници од сите земји вклучени во Процесот „17+1“, која ќе служи како основна алатка за собирање, класифицирање и навремена размена и споделување на информации од областа на културата.

Учесниците на Форумот вечерва ќе го посетат Музејот на современата уметност во Скопје, а ќе присуствуваат и на свечениот концерт на оркестарот на Националната филхармонија.На Четвртиот форум за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ присуствуваат високи делегации од земјите-членки на Процесот, меѓу кои и министрите од НР Кина, Србија, Црна Гора, Словенија.