Државниот јавен обвинител е тој што може да ја побара и да ја соопшти информацијата за тоа како се делеле бонусите во СЈО, изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање. Според неговите информации, од следењето на реализацијата на буџетот и неговиот ребаланс не се трошат секоја година предвидените 228 милиони денари, кои со закон се определени за СЈО.

„Сите знаеме дека специјалните јавни обвинители добиваа поголема плата од 300 до 500 евра, не знам колку им е поголема платата од другите јавни обвинители поради тоа што сериозно презедоа и одговорност и преку додатоците за чувањето на самите материјали, кои носат своја дополнителна одговорност во целиот тој дел. Нема да дозволам да се фрли негативно петно врз јавните обвинители. Постои истрага за државниот специјален јавен обвинител, но за другите не е коректно и треба да се праша да ги кажат сите детали и целата анализа кој е тој дел што е примен како надоместок во делот на додатокот, за сигурност на материјалите за сериозност или за доверливост и која е вистинската номинална нето-плата што ја примале специјалните јавни обвинители“, рече Заев по потпишувањето меморандум за соработка со швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада за проект за поддршка на изборите реформи.

По она што тој го има прегледано во целиот овој период, ако јавен обвинител во државата прима илјада евра плата, специјалните обвинители земале 1.300 евра, а дополнително на тоа се додатоците што ги имаат земано за доверливост, за сигурност, за чување на самите материјали, а што со закон е определено како тоа се распределува.

– Но, сигурно бројките се далеку помали од тоа што Антонио Милошоски шпекулира или одредени други луѓе. Ве молам, во името на професионализмот да ги побарате информациите во делот на самата институција, таму може да ви дадат директни точни информации заради тоа што се работи за јавни пари. Државниот јавен обвинител може да ја побара информацијата и да ја даде. Не би било во ред јас како премиер да барам точна информација – рече Заев.