Фото: ЕПА

Земјите-членки на групата Г7 се решени да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина, изјавија нивните министри за надворешни работи кои се собраа на состанокот во Капри, пренесе „Ројтерс“.

Седумте велесили – Италија, Канада, Франција, Германија, Јапонија, Велика Британија, САД и ЕУ – силно ја критикуваат руската инвазија на Украина, која трае повеќе од две години.

Киев, сепак, ги предупредува дека мора да ја сменат својата стратегија доколку сакаат Украина да ги издржи се подеструктивни руски воздушни напади.

Русија негира дека цели цивили, но смета дека енергетскиот систем на Украина е легитимна цел.

– Г7 „ќе ја зајакне воздушната одбрана на Украина за да спаси животи и да ја заштити критичната инфраструктура“ – рекоа министрите за надворешни работи, додавајќи дека ќе ја зголемат одбранбената и безбедносната помош за Киев.

– Ние сме решени да продолжиме да обезбедуваме воена, финансиска, политичка, хуманитарна, економска и развојна помош за Украина и нејзиниот народ – додаваат тие.

Изјавата беше објавена на крајот од тридневниот министерски состанок во Капри, каде главни теми беа Украина и воените конфликти меѓу Израел и Иран.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен по самитот изјави дека на Украина итно и требаат повеќе ресурси и го предупреди Пекинг дека односите на Кина со Европа ќе настрадаат доколку и помогне на руската одбранбена индустрија.

– Кога станува збор за руската одбранбена индустриска база, главен соработник во моментов е Кина – рече Блинкен.

– Ако Кина од една страна тврди дека сака добри односи со Европа и со другите земји, од друга страна не може да ја поттикне најголемата закана за европската безбедност од крајот на Студената војна.

Воената помош за Киев е забавена во последните месеци бидејќи на европските партнери им снемува муниција, а американската помош е блокирана од републиканците во Конгресот.

Претставничкиот дом на САД овој викенд конечно би можел да гласа за пакетот помош од 60,8 милијарди американски долари за Киев.

Друго прашање што се разгледувало е тоа како да се искористи профитот од 300 милијарди американски долари замрзнати руски средства на Запад за да и се помогне на Украина.