Осум лица загинаа, а уште петмина се повредени во вооружен напад што се случи во јужната египетска покраина Асиут, соопштија египетските власти.
Според Министерство за внатрешни работи на Египет, нападот се случил вчера во областа Абануб, каде што вооружен маж отворил оган од автомобил во прометен транспортен центар, пренесе АФП.
Првичната истрага покажала дека напаѓачот претходно бил на лекување во психијатриска болница во Каиро. Засега не е познат мотивот за нападот.
Безбедносните сили брзо биле испратени на местото на настанот, но осомничениот успеал да избега кон блиското земјоделско подрачје.
Полицијата подоцна ја лоцирала и ја опколила областа во која се криел. Според властите, кога напаѓачот сфатил дека безбедносните сили му се приближуваат, дошло до размена на оган во која тој бил убиен.
На социјалните мрежи беа објавени видеа на кои, според локалните медиуми, се гледаат амбулантни возила и граѓани собрани во близина на местото на нападот.
Едно од видеата, наводно, прикажува маж за кој се верува дека е напаѓачот, како стои покрај теренско возило со пушка во рацете, облечен во традиционална египетска галабија.

































