Фото: Принт-скрин

Способноста на Европската Унија да посредува помеѓу Азербејџан и Ерменија по нивните нови оружени судири е нарушена од перцепцијата дека не може да биде неутрална поради зависноста од енергетското сојузништво со Азербејџан, наведува „Политико“.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен и претседателот на Азербејџан Илхам Алиев на 18 јули во Баку потпишаа Меморандум за разбирање за стратешко партнерство во енергетскиот сектор, кој предвидува удвојување на капацитетот на гасоводот „Јужен гасен коридор“, со цел до 2027 година да испорачува најмалку 20 милијарди кубни метри гас годишно во ЕУ.

Азербејџан веќе ги зголеми испораките на гас во ЕУ, од 8,1 милијарди кубни метри во 2021 година на 12 милијарди во текот на годинава, врз основа на зајакната енергетска соработка. Згора, Баку потпишa и договори за низа други проекти, меѓу кои и оние за соларна енергија.

Главните цевководи на Азербејџан за извоз на нафта и природен гас поминуваат преку Грузија, Турција и Средоземното Море, но сега го користи новостекнатото влијание за да изврши притисок врз Ерменија за отворање на нови рути за трговија, според „Политико“.

Рано утринава има нови судири меѓу азербејџанските и ерменските војници на спорната граница кај регионот Нагорно-Карагах , јави „Тасс“, повикувајќи се на ерменското Министерство за одбрана.

Портпаролот на ерменското министерство соопшти дека Азербејџан во денешните напади на границата меѓу двете земји употребил беспилотни летала, артилерија и минофрлачи, а според него ситуацијата на теренот се уште била тензична.

Американските медиуми потсетуваат дека во вчерашните жестоки борби на двете страни загинаа околу 100 војници, а новите напади на двете страни ги подгреваат стравувањата од обновување на непријателствата меѓу долгогодишните противници.

Ерменија вчера пријави дека во борбите загубила 49 свои војници, додека Азербејџан соопшти за 50 нејзини загинати војници, наведуваат американските медиуми.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, вчера експресно ги повика Ерменија и Азербејџан „да преземат итни чекори за деескалација на тензиите, да покажат максимална воздржаност и да ги решат сите отворени прашања преку дијалог и спроведување на претходните договори“.

Советот за безбедност на ОН за денеска закажа затворена седница во врска со обновувањето на конфликтите во регионот на азербејџанско-ерменската граница.

Во во вторникот, текот на ноќта, на ерменско-азербејџанската граница повторно имаше вооружени судири, а двете страни меѓусебно се обвинуваат дека го почнале новото заострување на односите.

Азербејџанските медиуми вчера јавија дека Баку и Ереван се договориле за прекин на огнот, што стапи на сила вчера во 9 часот по локално време.