Фото: Игор Бансколиев

Ако веќе евроамбасадорот Дејвид Гир, како претставник на ЕУ, инсистира Договорот со Бугарија, како и Преспанскиот договор со Грција да се имплементираат во добар дух од сите засегнати страни, тогаш би требало да испрати добронамерни „сугестии“ и до Софија и до Атина. Првата да ги спроведе пресудите на Меѓународниот суд на правдата од Хаг во полза на Македонците од Пиринска Македонија, а втората да ги имплементира трите заостанати меморандуми на кои се обврзала со Спогодбата од Нивици. Легитимно право на евроамбасадорот е да изнесува ставови за процесот на евроинтеграции, но исто така, легитимно право е и македонското општество самото да одлучи дали се согласува евроинтеграциите на земјава да се одвиваат во согласност со Копенхашките критериуми како за сите земји досега или, пак, тој процес ќе се тера во согласност со „бугарските критериуми“

Нови „пријателски сугестии“ од амбасадорите акредитирани во Македонија за прашања од државен карактер

Во време кога во македонската јавност се разгоре дебатата околу потребата за одржување референдум во врска со Законот за ратификација на Договорот за добрососедство, соработка и пријателство со Бугарија, во ист момент пристигна сугестија од Европа за она што би било пожелно да го направи земјава ако сака да напредува во евроинтеграциите, без да се остави простор дилемите да се расчистуваат во македонското општество.

Со експлицитното мешање на дипломатите се губи секаква смисла за внатрешна дебата и дополнително се девалвираат домашните политичари

Симптоматично е што ваквите „пријателски сугестии“ секогаш се случуваат во исклучително чувствителни моменти токму кога треба да се одлучи во кој правец ќе се движат работите, па целата внатрешна дебата губи секаква смисла и впечатокот што се добива кај народот е дека овдешните политичари, всушност, за ништо не одлучуваат сами, туку се само обични реализатори на политиките диктирани од Брисел и од Вашингтон.
– Важно е фокусот да биде на овој пристапен процес. Добрососедските односи се суштински дел од пристапниот процес и ЕУ неколкупати кажа дека Договорот со Бугарија, како и Преспанскиот договор со Грција мора да се имплементираат во добар дух од сите. Секоја иницијатива што би можела да значи назадување и со тоа да се попречи патот на земјата во ЕУ-интеграциите, навистина би можело да се избегнува. Затоа да се фокусираме на клучното прашање, а тоа е самиот пристапен процес – порача евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју во емисијата „360 степени“.
Легитимно право на евроамбасадорот е да изнесува ставови за процесот на евроинтеграции, но исто така, легитимно право е и македонското општество самото да одлучи дали се согласува евроинтеграциите на земјава да се одвиваат во согласност со Копенхашките критериуми како за сите земји досега или, пак, тој процес ќе се тера во согласност со „бугарските критериуми“.
Ако веќе амбасадорот Гир како претставник на ЕУ инсистира Договорот со Бугарија, како и Преспанскиот договор со Грција да се имплементираат во добар дух од сите, тогаш би требало да испрати добронамерни „сугестии“ и до Софија и до Атина, првата да ги спроведе пресудите на Меѓународниот суд на правдата од Хаг во полза на Македонците од Пиринска Македонија, а втората да ги имплементира трите заостанати меморандуми на кои се обврзала со Спогодбата од Нивици.
Во спротивно, произлегува дека Брисел си дозволува да се меша и да го диктира развојот на настаните само во Македонија, како што беше впрочем случајот и со притисоците за прифаќање на „францускиот предлог“ и многу други претходни клучни одлуки, додека се воздржува од секакво мешање во внатрешните работи на други земји, особено кога станува збор за земји-членки на Унијата.

Во дипломатијата не постои ништо случајно

За поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски нема никакви сомневања дека времето за ваквите сугестии не е воопшто случајно.
– Ништо не се прави случајно. Ова е дел од нивната работа и тие ќе продолжат да ги наметнуваат политиките што се за нив важни. Тие ќе инсистираат во полза на нивните интереси, но наше е да инсистираме на она што е важно за нашата земја. Тоа баш и не се прави од наша страна – вели Боцевски.
Тој додава дека Македонија мора повеќе да се води од сопствените интереси, а помалку да се осврнува на странските сугестии.
– Ние треба само нашите работи да си ги гледаме, не треба ништо друго да нè интересира – дециден е Боцевски.
Професорката Солза Грчева смета дека Владата дозволува однадвор да ни кажуваат што е најдобро за нас бидејќи слепо слуша сè што сугерираат странците.
– Мораме самите како општество да ги носиме одлуките. Ние сме суверена држава што самата треба да одлучува за својата иднина, а не некој друг да го насочува нејзиниот курс. Токму Договорот со Бугарија нè оддалечува од Европа бидејќи е пат на уцени што допрва доаѓаат. Јас би го прашала амбасадорот Гир да се изјасни зошто Европа прифати такви нецивилизирани барања од Бугарија, наместо да ни држи лекции како ние ќе се произнесуваме за нашата иднина – вели Грчева.
Слично размислува и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, кој исто така размислува дека проблемот се нашите политичари, кои сметаат дека секоја сугестија што доаѓа однадвор е добра и треба да се прифати.
– Ние сме ја прифатиле играта на ЕУ и ќе ја изиграме докрај бидејќи тие ги поставиле правилата на почетокот, а на сите наши политичари треба да им е јасно и им е јасно, само на јавноста тоа не ѝ го кажуваат, дека правилата се поставени и треба да ги следиме такви какви што се. Ова е само затоа што имаме такви политичари, кои наместо да им „слугуваат“ на народот и на интересите на Македонија, слугуваат како повеќе да им угодат на странските претставници. Европа ја интересираат резултати. Неа ја интересира да го затвори прашањето со Македонија, а нашите политичари со насмевка ги прифаќаат нивните сугестии и решенија, воопшто тоа не се доведува под прашалник, а уште помалку да се спротивстават и да дадат свој предлог. Затоа и Гир и кој било друг и во иднина ќе кажува и ќе сугерира што да правиме – истакнува Пекевски.


Преседан или нова практика при заминувањето на американската амбасадорка

Премиерот Димитар Ковачевски неодамна приреди прием во чест на заминувањето на американската амбасадорка Кејт Мари Брнз од земјава, потег што е невообичаен во дипломатската практика.
Досегашните искуства покажале дека обично вакви проштални средби или приеми се организираат од страна на Министерството за надворешни работи бидејќи станува збор за дипломатски службеници чиј мандат истекол и кои ќе бидат заменети со нови луѓе.
– Штом се прави прием од страна на премиерот по повод заминувањето на американската амбасадорка, треба да се прави и за другите амбасадори кога ќе им заврши мандатот. Ако ништо друго, треба да има проштална средба. Ако веќе се направил проштален прием за еден, тогаш треба тоа да се направи за сите бидејќи сите се еднакви во меѓународните односи – вели Боцевски.
Тој појаснува дека најчеста практика е организирање проштална средба со амбасадорот од страна на министерот за надворешни работи, но нема никакви пречки тоа да го прави и премиерот, но тоа мора да важи за сите, без никакви издвојувања.