Фото: Принт-скрин

Четири балистички ракети беа лансирани од територијата на Белорусија кон територијата на Украина, изјави денеска началникот на Генералштабот на Украина Валериј Залужни.

– Четири балистички проектили беа истрелани во правец на југозапад – објави Залужни на Фејсбук, со што засега нема повеќе информации.

Во меѓувреме, Франција ја осуди Белорусија како и Русија за нејзината улога во воените дејствија во Украина. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан, го осуди, како што кажа, „користењето на територијата на Белорусија од страна на режимот на Лукашенко за оваа агресија врз суверена земја“.

Тој, исто така, рече дека Франција ќе ја зајакне својата поддршка за Украина „во сите нејзини форми“, иако не кажа дали тоа значи дека Франција ќе почне да испорачува оружје.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска ја повика Белорусија да не учествува во руските воени операции во Украина, бидејќи Киев тврди дека Русија ја користи белоруската територија за воените дејствија.

– Апелирам до Белорусија и нејзиниот народ. Имате избор да не ја следите деструктивната акција на Русија. Имате избор да не учествувате во оваа непотребна трагедија против вашите соседи во Украина – рече европскиот функционер.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко претходно денеска изјави дека белоруската армија не учествува во руските воени операции во Украина.

На 10 февруари во белоруска територија почнаа заеднички воени вежби на големи единици на армиите на Русија и Белорусија, а пред четири дека Министерството за одбрана на Белорусија соопшти дека маневрите ќе продолжат поради зголемувањето на воените активности во близина на границата и влошувањето на ситуацијата во Донбас.