Фото: ЕПА

Шефот на приватната паравоена група „Вагнер“ Евгениј Пригожин побара промени во руското Министерство за одбрана со кое раководи Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот, генерал Валериј Герасимов.

Пригожин долго време ги обвинува највисоките руски воени лидери за неуспесите во војната во Украина и е познат по неговата долгогодишна расправија со руското Министерство за одбрана.

Пригожин објави серија гневни видеа и аудио снимки во кои го обвини рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу дека наредил ракетен напад врз полските кампови на Вагнер во Украина, каде што неговите војници се борат во име на Русија

Во вчерашниот бунт, Пригожин ги имаше под контрола воените објекти во Ростов, а неговите сили се движеа кон Москва со цел да заземат позиции „во густо населена област“.

Командантот на руските воздушни сили, генерал Сергеј Суровикин, го повика Пригожин да се откаже од своите намери, потсетувајќи го дека „заедно поминале тежок пат, се бореле, ризикувале и претрпеле загуби“.

Сергеј Шојгу е на чело на руското Министерство за одбрана повеќе од една деценија и е доверлив човек на Владимир Путин. Носител е на титулата Херој на Руската Федерација.

Пригожин обвинува дека Шојгу го лажел рускиот претседател за ситуацијата на украинскиот фронт, и го покани на средба во Ростов на Дон, за да може наводно да го спречи „Вагнер“ да маршира кон Москва.

Генералот Валериј Василиевич Герасимов е актуелен началник на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација и прв заменик министер за одбрана.

Герасимов е стратег за кој се вели дека ја осмислил „Доктрината Герасимов“ – комбинирајќи воени, технолошки, информативни, дипломатски, економски, културни и други тактики за постигнување стратешки цели. Тој е наречен и главен идеолог на концептот на хибридна војна.
Поради својата улога во конфликтите во Донбас кои и претходеа на „специјалната воена операција“, тој е под санкции од ЕУ, САД, Велика Британија и други земји кои се сметаат за сојузници на Украина.
На 11 јануари 2023 година, државниот министер Сергеј Шојгу го назначи Герасимов за командант на Здружената група на вооружените сили во Украина.

Во своето обраќање до Пригожин, командантот на руските воздушни сили генерал Сергеј Суровикин потсети на деновите кога, како што рече, заедно се бореле, ризикувале и претрпеле загуби.

Фото: Министерство за одбрана на Русија

– Ве повикувам да престанете. Непријателот чека влошување на внатрешно-политичката состојба кај нас. Пред да биде доцна, потребно е да се послуша волјата и наредбата на народно избраниот претседател на Руската Федерација – му порача Суровикин на Пригожин.

Покрај тоа што е врховен командант на Воздухопловните сили од 31 октомври 2017 година, Суровикин е и херој на Руската Федерација (2017), генерал на армијата (2021), херој на ЛНР (2022). Во октомври минатата година тој стана командант на Обединетата група на руски сили во Украина, а од јануари е заменик командант на Обединетата група на руски сили во Украина.