Фото: принтскрин

Украина ќе добие уште еден пакет воена помош од САД за да ја продолжи борбата против Русија, вклучувајќи ја и многу потребната муниција за украинската војска.

Пакетот што го објави американскиот Стејт департмент е вреден 100 милиони долари и веќе е одобрен од американскиот Конгрес – пишува „Хина“.

Пакетот оружје, меѓу другото, вклучува и противвоздушни ракети „Стингер“, повеќецевни ракетен фрлач Химарс и артилериска муниција.

– Ќе има повеќе артилериски гранати, кои се особено потребни сега – рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во својата дневна видео порака во понеделникот.

Зеленски рече дека помошта била разговарана за време на посетата на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на Киев во понеделникот. Тој го опиша состанокот како продуктивен и им се заблагодари на САД што ја задржале својата „водечка улога во обезбедувањето помош“.

Остин рече дека е важно да се обезбедат соодветни воени способности и разумно да се интегрираат за да се постигнат вистински ефекти на бојното поле.

Тој ја увери Украина дека Киев има „двопартиска поддршка“ во двата дома на Конгресот, и покрај фактот што некои американски политичари се сомневаат во потребата да се задржи американската помош на сегашното ниво.

– Критично е Конгресот да преземе чекори за поддршка на Украина со усвојување на барањето на претседателот за дополнително финансирање – се вели во соопштението на Стејт департментот.