Фото: Макфакс

Вработените кај Народниот правобранител почнaa со мирен протест, но граѓаните и во овој период ќе може да реагираат на неправилностите и повредата на правата, која секојдневно им се случува од страна на субјектите од јавниот сектор.

– Секоја омбудсман-институција во светот, па и Народниот правобранител кај нас, треба да биде самостојна и независна, целосно одвоена од институциите кон кои презема дејства за заштита на правата на граѓаните, што кај нас не е случај. Поради закочената постапка на усвојување измени на постојниот Закон за народниот правобранител, во моментот не може да се надминат одредени слабости, кои се искажани и нотирани од страна на Европската комисија во извештаите за напредокот на државата, а осбено во извештајот за реализираната оценска мисија. Воедно, со усвојување на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за народниот правобанител, кој се наоѓа во Собранието, би се спровела препораката на Европската комисија против расизам и нетолеранција при Советот на Европа, која препорачува властите да дадат финансиска независност на Канцаларијата на народниот правобранител за користење на своите буџетски средства, без да се бара одобрение од Министерството за финансии, а воедно и да се подобрат финансиската состојба и мотивацијата за работа на вработените кај народниот правобранител – рече Марјан Поњавиќ претседателот на синдикалната организација на Народниот правобранител.

Според него, потребно е ново законско решение со кое вработените кај народниот правобранител нема да бидат во кругот на вработени опфатени со Законот за административните службеници, туку ќе бидат самостојни и независни.

– За вработувањето во институцијата Народен правобранител и за пополнување испразнети работни места нема да се бара согласност од Министерството за финансии. Наведуваме дека е потребно да се обезбедат посебни средства со буџетот со кои ќе се финансира работата на Народниот правобранител и на Одделот за внатрешна контрола, активности кои со години повремено се финансираат со проекти финансирани од странски партнери. И, секако, не помалку значајно, без одлагање, да се зголемат платите на вработените кај народниот правобранител затоа што нашие месечни примања во моментот многу заостануваат зад платите на другите независни и регулаторни тела, како и на вработените во администрацијата воопшто – рече Поњавиќ.

Вработените во институцијата Народен правобранител и како орган на Републиката формиран со Уставот и законите, јавно ги повикаа Собранието и пратениците веднаш да спроведат постапка за измена и дополнување на Законот за народниот правобранител со вградување на горенаведените споменати прашања.

– Напоменуваме дека во согласност со нашите надлежности вработените кај народниот правобранител секојдневно работат со лични податоци на граѓаните, со класифицирани податоци, имаат директен контакт со сите категории граѓани, особено со оние најранливи групи, вршат увид во институции и установи од секаков тип, што секако е причина тие да добијат одредено покачување на платите кои го имаат повеќе субјекти во државата што немаат ни приближно вакви надлежности – додаде Поњавиќ.