Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја тврди дека силите на Москва пронашле докази за обид да се расчистат доказите за биолошко оружје во Украина, јави Би-би-си.

Говорејќи на средбата на Советот за безбедност на ОН, свикана на барање на Русија, Небензја рече дека руските сили пронашле докази за мрежа од „најмалку 30“ лаборатории за биолошки истражувања чија цел е зајакнување на неколку „смртоносни болести“.

Тој тврди дека на локациите биле спроведени „многу опасни биолошки експерименти“ во координација со САД. Тој не приложи никаков доказ за своите тврдења, а шефот за разоружување при ОН Изуми Накамицу рече дека не знае за каква било програма за биолошко оружје во Украина.

Украина ги отфрли сите наводи дека работи на биолошко оружје.

САД ги нарекоа таквите тврдења од Русија „смешни“ и предупредуваат дека Русија може да ги искористи за да ја оправда сопствената потенцијална употреба на слично оружје против Украина.

– Украина нема програма за биолошко оружје. Нема украински лаборатории за биолошко оружје поддржани од САД – изјави американската амбасадорка во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд.

Томас-Гринфилд вели дека Украина има свои лаборатории за јавно здравје за откривање и дијагностицирање на болести како ковид-19, додавајќи дека САД и помогнале на Украина „да ги направи безбедни“.

– Русите се тие кои долго време ја одржуваат програмата за биолошко оружје, кршејќи го меѓународното право – додаде таа.

Биолошкото оружје се разликува од хемиското оружје. Тоа е фраза што се користи за да се опише претворањто на опасен патоген, како што е на пример еболата, во оружје.

Русија ја обвини Украина дека работи со САД на биолошко оружје. Една од причините е тоа што Украина, како и многу земји во светот, работи на истражување на ковид и други патогени и бара начини да го одбрани населението од нив, појаснува Би-би-си.