Фото: МНР

Шефот на дипломатијата Бујар Османи во рамки на учеството на Анталија дипломатскиот форум, денеска се обрати на панелот насловен „Дијалог за помирување на Балканот“, на кој говореше за влошената безбедносна и гео-политичка ситуација на  Европа по воениот конфликт меѓу Русија и Украина, што, како што оцени, претставува дополнителен фактор зошто ЕУ треба итно и без одлагање да вбризга нов подинамичен моментум во евро-интеграцискиот процес на сите земји од Западен Балкан.

Османи истакна дека регионот и покрај демократските дефицити и слабости има важна улога во и за Европа.

– Целосното интегрирање е од директен политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ како геостратешка инвестиција кон стабилен и просперитетен регион. Впрочем, регионот е опколен со земји членки на ЕУ и не смее да се дозволи да биде ранливата точка на континентот, а ЕУ не смее повеќе да го третира пристапниот процес на Западен Балкан како отворено прашање – посочи Османи.

Учесниците на панелот дискутираа за мирот и стабилноста на Балканот како суштински за мирот и стабилност во Европа и пошироко, за исчекор во однос на нерешените прашања, но и за последиците доколку ЕУ не успее навремено да одговори на очекувањата на земјите од регионот.

Форумот претставува годишен собир на политички лидери, високи функционери, видни академци, креатори на јавното мислење, претставници на медиумите и бизнисот ангажирани во меѓународните односи и дипломатијата.

Овогодинешното издание се осврна широк распон на теми и на светските случувања, вклучително и Украина.