Изјаснувањето на референдумот заврши, започна серијата спротивставени изјави и коментари

ПРВИЧНИ РЕЗУЛТАТИ ОД РЕФЕРЕНДУМОТ ВО ЧЕТИРИТЕ РЕГИОНИ ВО УКРАИНА: ДОНЕЦК, ЛУГАНСК, ЗАПОРОЖЈЕ И ХЕРСОН

Подготвил: Mарјан Велевски

Властите во четири региони на Украина во кои беше организиран референдум објавија дека големо мнозинство жители од тие области гласале за приклучување кон Руската Федерација. Од друга страна, власта во Киев, како и лидерите на западните земји, однапред го отфрли референдумот како „фарса“

Руски извори

Првичните резултати, според руски извори, покажуваат дека речиси 100 отсто од гласачите на четирите референдуми во Донецката и во Луганската народна република и регионите Запорожје и Херсон поддржуваат приклучување кон Русија. Како што објави руската државна новинска агенција РИА, првичните делумни резултати покажуваат дека над 96 отсто од жителите во регионите Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон се за приклучување кон Русија.

Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, изјави дека резултатите од референдумот во Донбас, Запорожје и Херсон се сосема очигледни и им посака добредојде на жителите од овие региони во Русија.
– Референдумите завршија. Резултатите се јасни. Добре дојдовте дома, во Русија – напиша Медведев на Телеграм.
Истовремено, веста ја потврдија и официјални претставници од четирите региони каде што во претходните пет дена се одржаа референдуми за приклучување кон Руската Федерација, кои велат дека гласачите со големо мнозинство ја поддржале анексијата. Изборните службеници во Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон го објавија очекуваниот исход по завчерашното затворање на гласачките места.

Денис Пушилин, лидер на областа Донецк, поддржан од Москва, според руската државна новинска агенција „РИА новости“, рекол: „Сите го сакавме ова многу долго време“.

Лидерот на самопрогласената Луганска Народна Република (ЛНР) во Украина, Леонид Пашечник, најави дека ќе подготви документ со кој ќе побара од рускиот претседател Владимир Путин да го разгледа приемот на ЛНР во Руската Федерација, пренесува ТАСС.
– Резултатот е тука! Жителите на Луганската Народна Република се определија за светла и просперитетна иднина – напиша тој на Телеграм, коментирајќи ги резултатите од референдумот организиран од проруските власти, за пристапувањето на ЛНР кон Русија.
– Денеска ќе подготвам соодветен документ во кој барам од рускиот претседател Владимир Путин да го разгледа пристапувањето на ЛНР во Руската Федерација како конститутивна членка во согласност со законот – заклучи Пашечник.

Украински и западни извори за референдумот

Гласањата организирани од Москва во четирите окупирани региони во Украина за анексијата кон Русија се „лажни“ и се „еклатантно кршење на меѓународното право“, изјави шефот на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој на Твитер напиша дека разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски „и јасно ставил до знаење дека сојузниците на НАТО се непоколебливи во поддршката на суверенитетот на Украина и правото на самоодбрана“.
– Лажните референдуми што ги одржува Русија немаат легитимитет и се грубо кршење на меѓународното право. Тие територии се украински – рече Столтенберг.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина ќе ги „брани“ граѓаните во регионите каде што се гласаше и на други места. Тој оцени дека „фарсата“ на окупираната територија на Украина „не може ни да се нарече имитација на референдуми“. Претходно, во видеопорака до Обединетите нации, Зеленски најави дека Украина нема да може да преговара со Русија по гласањето.

Европската Унија уште еднаш нагласи дека референдумите во четирите украински области за приклучување кон Руската Федерација ги смета за нелегални, а најави дека сите лица што учествувале во нивната организација ќе бидат казнети.
– Сите лица што учествуваа во организирањето на тие нелегални референдуми и што ги поддржаа ќе ги сносат последиците – рече портпаролот за надворешни работи Петер Стано, на редовната дневна прес-конференција во Брисел. Тој кажа дека секоја поддршка на незаконските референдуми е незаконска и додаде дека земјите-членки на ЕУ ќе утврдат дали активностите на тие лица се предмет на санкции и дали има причини да се воведат санкции за нив.

ЕУ ги осудува одржувањето незаконски „референдуми“ и нивниот фалсификуван исход, напиша на Твитер високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
– Ова е уште едно кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во услови на систематско прекршување на човековите права. Ја поздравуваме храброста на Украинците, кои продолжуваат да се спротивставуваат и да даваат отпор на руската инвазија – нагласи Борел.

Тој додаде дека ЕУ ќе продолжи да го поддржува Киев, кој „храбро се противи на руската агресија“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц смета дека рускиот претседател Владимир Путин „прави грешка по грешка“ и дека таквите постапки, како што вели, се резултат на очај и реакции на неуспесите на руската армија во источна Украина.

Тој во интервју за весникот „Оснабрикер катунг“ изјави дека Германија нема да прифати лажни референдуми.
– Германија ја поддржува Украина со сите сили и прави сѐ за да спречи директен конфликт меѓу НАТО и Русија – изјави германскиот канцелар.

Меѓународното право на потег

Референдумите во областите под контрола на Русија започнаа на 23 септември. Тие беа отфрлени од Украина, западните влади и Обединетите нации бидејќи се нелегални според меѓународното право. Валентина Матвиенко, претседателка на Горниот дом на рускиот парламент, рече дека претседателот Владимир Путин треба да се обрати пред парламентот за референдумите на 30 септември и додаде дека пратениците би можеле да го разгледаат законодавството за анексија на 4 октомври.

Од друга страна, западните влади нашироко ги осудија референдумите како лажни и рекоа дека нема да го признаат нивниот исход. ЕУ планира да воведе санкции врз организаторите на „незаконските“ референдуми во Украина.