Петнаесетгодишно момче од тетовското село Боговиње завршило во болница со прострелна рана во стомакот, откако, според првичните информации, од невнимание бил испукан куршум од пиштол што го носел 16-годишен малолетник.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен вчера, 24 октомври, во 14:10 часот, откако повреденото момче било донесено во Клиничкиот центар во Тетово.
– На 24.10.2026 во 14:10 часот во СВР Тетово, од Клинички центар Тетово било пријавено дека кај нив со прострелна рана во пределот на стомакот бил донесен 15-годишен малолетник од с. Боговиње, тетовско – соопшти МВР.
По инцидентот, во Полициската станица Тетово доброволно се пријавиле 42-годишниот С.М. и неговиот 16-годишен син, двајцата од Боговиње. Тие во полицијата предале пиштол со празна рамка.
– Според изјавата на С.М., настанот се случил околу 13:45 часот во с. Боговиње, при што од невнимание дошло до испукување на еден куршум од пиштолот, кој го носел неговиот малолетен син – наведуваат од полицијата.
На местото на настанот бил извршен увид во присуство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово и претставници на Центарот за социјални работи.
Шеснаесетгодишникот е задржан за понатамошна постапка, а полицијата презема мерки за целосно расветлување на околностите под кои дошло до пукањето.
– Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава – информираат од МВР.


































