Подготвил: Mарјан Велевски

Софија – Три лица се усмртени, а четврто се бори за живот по удар на гром во центарот на Софија. Настраданите се сириски државјани, на возраст од 20 до 30 години. Инцидентот се случил кога четирите лица стоеле под големо дрво што било погодено од гром. Кај тројца од нив е констатирана смрт на местото на настанот, а четвртиот добил тешки повреди и бил пренесен во болница. Брзата помош била повикана во 18.14 часот и пристигнала девет минути подоцна. Кај тројца од жртвите била констатирана смрт на местото на настанот. Четвртиот бил однесен во болницата „Пирогов“, на Ургентниот оддел. Оттаму потврдиле дека тој добил околу 20 проценти изгореници на телото.

Белград – Сообраќајот на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ е нормализиран за кратко време, по привремениот прекин на дојдовните и појдовните летови поради оштетувањето на пистата предизвикано од удар на гром. Како што се наведува во соопштението на белградскиот аеродром, оштетувањето на пистата е санирано „со брзата реакција на надлежните служби“. Летовите беа прекинати откако во текот на невремето, кое во попладневните часови завчера го зафати подрачјето на Сурчин, удар од гром ја оштети пистата.

Подгорица – Црногорската полиција во размена на оган го уби напаѓачот што пукал во полицијата при истрагата за бомбашки напад на куќа на полицаец во Подгорица. Како што информираа од црногорската полициска управа, вчера рано изутрина во куќата на полицаец во населбата Коник, во Подгорица, биле фрлени две бомби, од кои едната експлодирала. Потоа следувала полициска истрага, при која биле пронајдени двајца осомничени. При нивното легитимирање и обид за апсење, едно лице пукало кон полицијата. „Полицијата идентификувала двајца осомничени, од кои едниот отворил оган во правец на полициските службеници, по што употребиле огнено оружје, при што тешко е ранет Ф.К., кој за укажување лекарска помош бил пренесен во Клиничкиот центар на Црна Гора. Тој починал како последица на повредите“, соопшти црногорската полиција, наведувајќи дека вториот напаѓач е уапсен.

Приштина – Рударите што беа заглавени во косовскиот рудник за јаглен Трепча поради прекин на снабдувањето со електрична енергија, се извлечени откако беше саниран дефектот предизвикан од удар на гром во рудничкиот систем за електрична енергија, јави дописникот на МИА од Приштина. Информацијата во изјава за медиумите ја потврди претседателот на Синдикатот на рударите на Трепча, Гани Османи. „Извлечени се сите рудари и нивната состојба е добра“, изјави Османи. Вкупно 123 рудари од прва смена, кои работат од седум до 14 часот, пред завршувањето на работното време останаа заглавени во хоризонтите 9, 10 и 11 на рудникот, откако гром уништил неколку изолатори во неговата електрична мрежа.