Фото: Пиксабеј

Најдоцна за еден месец ќе има одлука за поднесениот проект

Изградбата на филмски студија во околината на Скопје што неодамна како можност ја најави познатиот холивудски актер Џон Малкович, би била не само уметничка, туку и економска инвестиција што ќе биде добра за севкупното живеење, бидејќи се очекува да отвори работни места и да донесе прилив на пари во државата, сметаат дел од актерите-потписници на писмото за поддршка на оваа идеја што деновиве беше упатено до Владата, која допрва треба да одлучи за реализацијата на проектот.

Писмото поддржано од академски професори, театарски, филмски и музички уметници, уследи откако Малкович минатитот месец најави дека во Скопје ќе се снимаат холивудски филмови, веднаш откако ќе се изградат повеќе филмски студија во околината на градот, во рамки на проектот „Скопје технолошки парк“. Тој порача и дека ќе го посети главниот град на Македонија штом проектот биде одобрен од Владата.

– Решивме да го наречеме проектот „Стоунбриџ студија“ во чест на богатата култура и неверојатната историја на македонскиот народ – изјави тогаш Малкович.

Меѓу потписниците на писмото се наведени бројни актери од македонската, но и од светската сцена, а покрај Малкович, можат да се видат и имињата на Мет Дилон, Јордан Плевнеш, Мето Јовановски, Тони Михајловски, Тијана Дапчевиќ, Драган Бјелогрлиќ, Мики Манојловиќ, Дејан Лилиќ, Дарја Ризова…

– Еден од татковците на Европската Унија, Жан Моне, ќе остане запаметен во светската историја со неговата реченица: „Ако Европа повторно требаше да се гради, требаше да започне од културата!“ Овој голем интернационален проект СТП ќе биде вистински доказ дека македонската Влада, прифаќајќи го како стратешки проект, ќе внесе голем импулс и круцијален ангажман во своите евроатлански интеграции. Ние, долупотпишаните, академски професори, театарски, филмски и музички уметници, амбасадори на македонската, српската, балканската и европската култура, јавно ја подржуваме македонската Влада да отпочне со реализација на проектот СТП и преку него, реализација на филмскиот град. Свесни дека од осамостојувањето до денес, оваа иницијатива претставува еден од највозбудливите и најперспективните предизвици за севкупен економски, културен и технолошки исчекор на македонското општество, сакаме да ја охрабриме Владата за брзо и неодложно остварување на проектот СТП – стои меѓудругото во отвореното писмо упатено до македонската влада.

Фото: Архива

Актерот Мето Јовановски истакнува дека се што се гради во нашата татковина е за поздрав, особено ако биде добро за културата. Тој ги посочува примерите од слични проекти во регионот каде што има филмски центри.

– Ако тоа биде некаков филмски центар, како Авала во Белград, тоа е одлично. Во Бугарија земаа еден таков простор, снимаа големи имиња. На едно место ја гледаш Арената од Рим, на друго гледаш уличка од Париз, преубаво изгледаше. Иако снимаа големи имиња, другите помали работи ги работеа Бугари. Голема бројка луѓе се инволвирани. Ако такво нешто се случи во Скопје, тоа ќе е одлично, зашто многу луѓе ќе имаат работа. Сѐ што се гради во оваа наша татковина е за поздрав. Ако е за општо добро на културата, ќе ми е драго. Таквите инвестиции се добри, го поддржувам. Најверојатно ќе треба долго време да се изгради и да функционира, ама мислам дека вреди да се чека – вели Јовановски.

Фото: Драмски театар

Актерот Дејан Лилиќ смета дека овој проект не е само уметничка, туку и економска инвестиција.

– Сите странски инвестиции, посебно кога се работи за филмска индустрија, каде што има многу пари, се добри, затоа што сите можат да живеат од тоа. Добро знам како функционираат филмските градови, и во околината и во светот, и постојано има работа за продукции и копродукции. Сите што се поврзани со овие проекти имаат бенефити затоа што тој свет ќе се проширува и ќе се проширува. И во државата ќе се внесуваат пари, што значи не е добро само за филмските работници, туку и за тие што можат да работат на еден сет, дали е за облека, дали за храна, дали за техника, не е важно – вели Лилиќ.

Фото: МНТ

Поддршка даде и актерката Дарја Ризова, којашто смета дека ваков проект е одличен за севкупното живеење, а не само за филмската индустрија.

– Што и да дојде од ваков калибар за нашата професија е многу значајно и битно за да се промовираат и филмот и сите културни работници. Не само за културата, туку општо за цело живеење. Ако биде сѐ како што треба, би било одлично за сите – смета Ризова.

Од Владата велат дека најдоцна за еден месец ќе има одлука за поднесениот проект.

– „Технолошки парк Скопје“ е проект кој во моментов е во процедура за утврдување на статус на стратешки инвестициски проект за кој течат роковите за постапување согласно Законот. Процедурата и условите за добивање статус на стратешка инвестиција се исти за сите добиени барања за стратешки инвестиции. Ве информираме дека најдоцна за еден месец ќе има одлука во врска со поднесениот проект – брифираат од Владата.

Покрај Малкович, дел од овој проект е уште еден светски познат актер, Мет Дилон, кој на почетокот на месецов изјави дека со нетрпение чека да го посети Скопје.

– Добра вечер Македонија. Мојот добар пријател и колега Мофет, ме покани да бидам дел од возбудливиот проект на „Стоунбриџ студиос“ и со нетрпение чекам да го посетам Скопје кога ќе се пробиеме на овој значаен проект – рече Дилон.

Проектот за кој е аплицирано до Владата замислено е да се прави кај Качанички пат, земјиште, кое во најголем дел е државно.