Фото: Маја Јаневска-Илиева/Илустрација

Почна зимското сметање на времето. Во три часот по полноќ стрелките на часовникот се вратија еден час наназад, односно на два часот, со што граѓаните добија еден час повеќе за спиење.

Преминувањето на зимско сметање на времето се случува секоја година во последниот викенд од октомври, во ноќта меѓу сабота и недела.

Зимското сметање на времето ќе трае до 28 март 2027 година, кога часовниците повторно ќе се поместат еден час нанапред.

Иако Европската комисија уште во 2018 година предложи укинување на сезонското поместување на часовникот, земјите членки на Европската Унија досега не постигнаа конечен договор. Затоа оваа практика продолжува и во Македонија, која го следи европскиот систем на сметање на времето.

Експертите предупредуваат дека, иако со преминот на зимско сметање на времето добиваме еден час повеќе за спиење, промената може привремено да го наруши биолошкиот ритам.

Според нив, на организмот обично му се потребни од два до пет дена за да се приспособи на новиот распоред.

Неврофизиологот и експерт за спиење, д-р Драган Хрнчиќ, во изјава за РТС објаснува дека и покрај дополнителниот час за спиење, организмот во првите денови може да продолжи да нè буди во вообичаеното време.

Поради привремената неусогласеност меѓу биолошкиот часовник и секојдневните обврски, може да се појави состојба позната како „социјален џетлег“, која се манифестира со замор, поспаност и нарушена концентрација.

Медицинските експерти сè почесто укажуваат дека поместувањето на часовникот двапати годишно може негативно да влијае врз квалитетот на сонот и здравјето, особено кај чувствителните категории граѓани.

Иако сезонското поместување на времето првично било воведено со цел заштеда на електрична енергија, денес сè повеќе се преиспитува неговата економска оправданост. Дел од експертите сметаат дека современите технологии значително ги намалиле некогашните придобивки, додека здравствените и општествените последици заслужуваат поголемо внимание.