Фото: ЕПА

Подготвил: Mарјан Велевски

Франција

Франција ја доживеа петтата ноќ на немири, со тешки судири меѓу полицијата и демонстрантите во јужниот град Марсеј, но ноќта сепак беше помирна отколку во изминатите денови. Немирите започнаа откако полицијата во вторникот го уби 17-годишното момче од алжирско потекло Нахел во париското предградие Нантер.

Масовните протести, кои прераснаа во безредија низ Франција, резултираа со апсење на најмалку 719 лица во саботата вечер, соопшти француската полиција. Апсењата се одвиваа во текот на ноќта, по денот кога се одржа погребот на убиеното момче. Министерството за внатрешни работи со овие бројки ја илустрираше само првичната процена за епилогот на дополнителните безредија против полициската бруталност. Наедно, Министерството објави на Твитер и дека во безредијата се повредени 45 полицајци.

За смирување на безредијата, на улиците на француските градови беа распоредени 45 илјади полицајци.

Јавниот обвинител Паскал Праче рече дека полицајците се обиделе да го запрат тинејџерот бидејќи изгледал младо и возел „мерцедес“ со полски регистарски таблички на автобуската лента. Тој, наводно, поминал на црвено светло за да не биде запрен, а потоа заглавил во сообраќајот. Полицаецот рече дека се плашел дека тој и неговиот колега или некој друг може да бидат удрени од автомобил додека Нахел се обидел да избега, рече обвинителот.

Полицаецот е ставен под службена истрага за убиството и е задржан во притвор.