Израелски напади во Либан, напади на Хутите на Црвено Море и ирански проектили истрелани врз Ирак: ризикот од ескалација на Блискиот Исток расте

Безбедносните жаришта во блискоисточниот регион се прошируваат

Доколку Блискиот Исток го претставиме како празен простор, а војните и кризите во регионот како мали жарчиња, лесно ќе се види дека жарчињата брзо се множат. Појасот Газа, граничната област меѓу Либан и Израел, Ербил во северен Ирак, планините во западен Јемен и Црвено Море, сите тие мали жарчиња, колку и да се мали, растат. Тие остануваат одвоени едни од други, но кога првите ќе почнат да се спојуваат, расте ризикот дека сите ќе се здружат и ќе се претворат во сериозно жариште. Со тоа Блискиот Исток – од Израел до Иран, од Либан до Јемен – ќе потоне во војна.
За среќа, ситуацијата сè уште не е толку страшна. Владите во Соединетите Американски Држави, Европската Унија и во земјите од Заливот сè уште прават сѐ што можат, со помош на апели, притисоци и закани, за да спречат понатамошна ескалација. Иранското раководство сè уште сака да избегне да стане дел од војната, било со сопствената војска или преку милицијата Хезболах во Либан, над која Техеран врши контрола.
Воениот кабинет на Израел продолжува да инсистира дека е заинтересиран за постигнување дипломатски договор со Либан. Но ескалацијата на различни локации, ракетите истрелани наводно со цел одвраќање – напади што речиси секогаш предизвикуваат одговор – па дури и ризикот од едноставно недоразбирање, сето тоа ја прави ситуацијата исклучително тешка за контролирање.
Сегашните немири беа предизвикани од убиствениот напад на Хамас и другите исламистички групи во Појасот Газа на 7 октомври, напад што беше насочен кон израелските воени бази и кибуци и резултира со убиство на околу 1.150 луѓе и киднапирање на повеќе од 240. Оттогаш Израел води војна против Газа повеќе од 100 дена, со декларирана цел уништување на Хамас. Израел го окупира целиот Појас Газа, а во борбите животот го загубија 24.000 Палестинци.

Корените на конфликтот се длабоки

Но дури и ако Газа беше почетната точка, кој би предвидел на почетокот на октомври дека три месеци подоцна, американската и британската војска ќе истрелаат проектили врз позициите на милицијата Хути во планините на Јемен над Црвено Море? Или дека курдските цивили ќе бидат убиени во северен Ирак од ирански проектили? Тој напад, за возврат, најверојатно беше лансиран за да се одмазди за нападот со беспилотно летало врз ирански генерал во сирискиот главен град Дамаск – што нашироко се смета за израелска операција.
Корените на конфликтот се длабоки. Локализираните борби за моќ, регионалните лојалности и политичкиот опортунизам, покрај идеолошките догми и јавното мислење, ги поттикнуваат борбите на Блискиот Исток. И станува сè потешко да се контролира. Најголемата опасност, сепак, продолжува да биде спорната граница меѓу северен Израел и Либан. Со оглед на зголемениот број престрелки меѓу Хезболах и израелската армија, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во понеделникот упати драматичен апел: „Престанете да си играте со оган преку сината линија, деескалирајте и ставете крај на непријателствата“.
Веднаш по нападот на Хамас на 7 октомври, израелската влада се обиде да ги убеди САД дека Хезболах всушност стои зад нападот и дека исто така се подготвува да изврши напад. Израел, според објаснувањето, требаше да го спречи тој напад со масовен превентивен напад, со американска поддршка.
Но немаше докази за учество на Хезболах во нападот на Хамас ниту дека има планови за напад. Висок американски функционер подоцна за „Вашингтон пост“ изјави дека станува збор за „лоши разузнавачки информации“. Официјалниот претставник изјави за „Пост“ дека американскиот претседател Џо Бајден неколкупати дневно ги повикувал израелските власти за да го спречи Израел да изврши напад врз Хезболах. Во спротивно, рече функционерот, постои ризик „да се скрши целиот пекол“.
Британскиот аналитичар Николас Бланфорд за „Шпигел“ опиша како би можел да изгледа нападот на Хезболах врз Израел: „Аеродроми, електроцентрали, пристаништа, воени бази, трговски центри, сè би било нападнато со ракети. Целата земја ќе биде во блокада. Бранови од илјадници ракети би ја совладале и израелската противвоздушна одбрана. Најмодерните од тие ракети и наведувани проектили носат боеви глави од 500 килограми на растојание од над 300 километри и можат да нападнат на оддалеченост од 10 до 20 метри од нивната цел. Ракетните напади од Хамас би биле лесен летен дожд во споредба со потопот што Хезболах може да го истури врз Израел“.
И израелската војска е целосно свесна за тоа сценарио, поради што границата остана главно мирна во текот на 17 години од последната војна во 2006 година. Одвраќањето функционира. Двете страни продолжија да инсистираат на нивното меѓусебно непријателство и повремено испукуваа неколку гранати во празен рид.
Евакуацијата на илјадници жители од двете страни на границата, исто така, го намали непосредниот ризик од војна. Бидејќи нема повеќе цивили во областа, веќе нема ризик да бидат случајно убиени. Но повеќе од 60.000 луѓе што го евакуираа северен Израел сè уште не можат да се вратат дома, дури и по три месеци – ниту десетици илјади Либанци што избегаа од регионот.
Во последниве недели, воениот кабинет на Израел го зголеми притисокот, и реторички и воено: брзо едноподруго, Израел прво го уби Салех ал Арури, висок лидер на Хамас во Либан, точно во срцето на упориштето на Хезболах во јужен Либан, а потоа е елиминиран командант на елитните сили Радван на Хезболах. По тоа убиство веднаш следуваше егзекуција на друг командант, кој одеше на погребот на првиот.

Заканата од Хезболах не е воопшто наивна

Во Вашингтон, стравот од војна меѓу Израел и Хезболах е значаен. Но како што деновиве напиша „Њујорк тајмс“, неодамна се сменија претпоставките за тоа кој би можел да започне таков конфликт. Според весникот, САД му кажале на Израел дека Вашингтон ќе обезбеди поддршка доколку Хезболах изврши инвазија преку границата, но не и ако Израел го направи првиот чекор. И според „Вашингтон пост“, владините претставници веруваат дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сака војна со Хезболах затоа што знае дека откако ќе завршат борбите во Газа, неговата политичка кариера најверојатно ќе заврши исто така. Што исто така би значело крај на имунитетот што тој моментално го ужива и дека судските постапки против него за измама, корупција и нарушување на довербата би можеле да продолжат.
Сепак, и покрај тековните закани за воена операција против Хезболах издадени од Нетанјаху, според министерот за одбрана Галант и началникот на Генералштабот, Херцл Халеви, таквите планови изгледаат нереални.
– Израел сака да го избрка Хезболах назад до реката Литани, од 20 до 30 километри северно – вели експертот за Либан Бланфорд.
– Но Хезболах има ракетни позиции уште подалеку на север, во планините по должината на долината Бака. Тие би можеле да напаѓаат оттаму исто толку лесно – додава тој.
Во израелските медиуми, војната против Хезболах – често оформена како огромен, последен конфликт – генерално се прикажува како опасна, но неизбежна. Траумата од 7 октомври брзо го реанимира ветувањето на Израел дека никогаш повеќе нема да остане без одбрана пред агресијата. Речиси се чини дека воената доктрина на Израел за поразување на сите негови противници се трансформира во апсолутна догма.
Ситуацијата е дека Газа во суштина е ехо на првата израелска инвазија на Либан во 1978 година. Уште од мировните договори со Египет и Јордан, концептот на трајна победа преку воено потчинување веќе навистина не функционира. Палестинците денес одбиваат да прифатат потчинување и сакаат независност. На ист начин како што војните во Либан во 1970-тите и 80-тите беа со цел да ја исфрлат Палестинската ослободителна организација (ПЛО), наместо тоа, го отворија патот за развојот на Хезболах и неговиот раст до моќната сила како што е денес.

Техеран никогаш нема да се откаже од Хезболах

Фактот дека Хезболах сака да избегне голема војна со Израел има врска со измешаните односи во регионот. Ракетниот арсенал на милицијата е најважниот адут на Иран против израелскиот напад врз неговите нуклеарни постројки. И покрај големата воена и финансиска независност, Хезболах е ропски лојален на иранското раководство и неговата идеологија за моќ дадена од бога. За Техеран, вели аналитичарот Бланфорд, Хезболах е „крунскиот скапоцен камен на неговата стратегија за одвраќање“.
На домашен план, иранскиот режим е заглавен во мочуриште на економска криза, инфлација од над 40 проценти и недостиг од јасност во врска со наследникот на болниот 84-годишник и врховен водач Али Хамнеи. Да не зборуваме за фактот дека режимот е презрен од широки делови од населението.
Спротивно на тоа, воено, земјата е посилна отколку што некогаш била. Понатаму, според „Њујорк тајмс“, земјата брзо ги забрзала напорите за збогатување ураниум од октомври. Весникот објави дека Техеран сега поседува доволно материјал за три нуклеарни бомби и е на работ да го збогати до степен на оружје. Иран, исто така, продолжува да ја одржува својата мрежа на лојални милиции во голем број арапски земји. Со нападот на Ербил, Иран јасно покажа дека е подготвен да користи воени напади како демонстрација на својата моќ. Убиството на цивили во Ирак нема да предизвика одмазднички напади, додека директно напад врз Израел може веднаш да предизвика војна.
Врските меѓу Хезболах и Иран досега помогнаа ситуацијата на либанско-израелската граница да се одржи на половина пат под контрола. Но доколку избие војна, тие врски веројатно би дале спротивен ефект. Техеран никогаш нема да се откаже од Хезболах, дури и ако се најде на удар. Веројатно ќе дојде до верижна реакција, при што милициите контролирани од Иран во Ирак, Сирија и во Јемен ќе започнат со сопствени масовни напади.

Хутите се мотивирани од солидарноста со Палестинците

Хутите ги зголемија своите воени активности на Црвено Море од ноември. Моќта и решителноста на оваа група, сместена во планините во западен Јемен на околу 2.000 километри од Израел, првично беа потценети од многумина. Хутите ја користат својата географска положба во обид да го уценат светот да ја запре израелската војна во Газа. Од ноември, групата започна повторени напади врз трговските бродови во Црвено Море, преку кои се транспортира приближно 10 отсто од глобалната трговија.
Граѓанската војна во Јемен сега трае повеќе од една деценија, конфликт во кој Хутите ја презедоа контролата врз главниот град Сана и ѝ нанесоа пораз на Саудиска Арабија.
– Но тешко дека нешто им привлекло толку внимание како прекинувањето на синџирите на снабдување на „Тесла“ и „Икеа“ – вели Фареа ал Муслими, јеменски аналитичар од британскиот аналитички центар „Четам хаус“.
Хутите всушност се мотивирани од солидарноста со Палестинците, предупредува тој. „Мислам дека на Запад не е целосно јасно каков ударен бран се движи низ целиот арапски свет секој ден, каде што може да се видат сликите и деталите за ужасите од Газа – и никој не прави ништо за да го спречи тоа“. Нивните напади и нивната подготвеност дури и да ризикуваат конфронтација со САД, вели тој, ги претвориле во херои на регионот. Ретко која арапска земја, дури ни јеменските непријатели на Хутите, јавно ја критикува групата.
Тој вели дека Хутите секако ќе го претворат својот новооткриен престиж во политички капитал во нивните преговори со Саудиска Арабија за договор и меѓународно признавање. Сепак, останува нејасно каде на крајот ќе доведе овој нов конфликт. Пред една недела, војската на САД и Велика Британија започнаа со напади врз базите на Хути, но милицијата сепак продолжи да пука по бродови и изјави дека не се плаши од конфронтација со САД.
И тогаш, Иран и Пакистан започнаа воздушни напади еден врз друг во последните неколку дена. Овој конфликт на работ на Блискиот Исток не е директно поврзан со војната во Газа, но изгледа како инхибициите во врска со воените напади против други земји да се пониски отколку што биле – и дека спиралата на одмазднички напади се врти побрзо од некогаш порано.