Исклучително опасниот наркотик – фентанил, наречен уште и зомби-дрога, за која веќе во неколку наврати пишувавме и ја алармиравме македонската јавност, пристигна кај нашиот северен сосед – Србија. Имено, Министерството за здравство на Република Србија, откако беше предупредено од здружението „Превенти“ за четири смртни случаи на корисници на дрога и изрази сомнеж дека станува збор за фентанил (хемиска замена за хероин), кој, според нивните информации, се појавил и во земјите од регионот, веднаш ги презеде сите расположливи мерки со цел да се заштити јавното здравје на населението и поради фактот што станува збор за исклучително опасна супстанција

Дека фентанилот е поголема закана од хероинот и од кокаинот говорат информациите според кои оваа дрога е наречена и „кокаин“ на иднината. Со полициските рации низ Европа во последните неколку месеци, во кои се запленети помали количества фентанил, кај надлежните се разбуди и основано стравување дека оваа дрога инвазивно се проширува низ Европа, особено откако индицијата стана факт дека мексиканските картели се обидуваат да си обезбедат нов и сигурен пазар каде што ќе ја продаваат дрогата.
Белгија за една година заплени рекордни 110 илјади килограми кокаин на пристаништата во Антверпен, а тоа количество е огромно во споредба со запленетите десет грама фентанил што полицијата ги заплени во Брисел. Сепак, она што нас особено може да нѐ загрижува е фактот дека зомби-дрогата пристигна и во соседна Србија, а прашање на време е кога ќе пристигне и во Македонија, ако веќе не е и присутна на пазарот.

Тревога е во тек во регионов

Во Србија веќе е вклучен алармот за присуството и масовното користење на фентанилот, а српските токсиколози веќе алармираат за катастрофалните последици од неговото користење.
Министерството за здравство на Република Србија, откако беше предупредено од здружението „Превенти“ за четири смртни случаи на корисници на дрога и изрази сомнеж дека станува збор за фентанил (хемиска замена за хероин), кој, според нивните информации, се појавил и во земјите од регионот, веднаш ги презеде сите расположливи мерки со цел да се заштити јавното здравје на населението и поради фактот што станува збор за исклучително опасна супстанција.
Центарот за следење на дрогата итно, преку системот за рано предупредување, ги извести надлежните институции од Националниот систем за рано предупредување со цел да се обезбедат информации за регистрирани смртни случаи на корисници на фентанил, како и давање податоци за појава или заплена на оваа дрога на територијата на Република Србија: ВМА – Национален центар за контрола на труење, Институт за судска медицина – сите национални разграноци, МВР – Судски центар и Царина.

Од 180.000 смртни случаи од зависност во САД, 70 отсто се поради фентанил

Според токсиколозите со кои се консултиравме, само два милиграма од оваа супстанција можат да бидат фатални.
Токсикологот Вера Лукиќ од Институтот за судска медицина вели дека се работи за лек од групата синтетички опиоиди што е исклучително токсичен, дури и во минимални концентрации.
– Рутински се користи за медицински цели, во терапија на болки. Луѓето веројатно слушнале за фентанилни фластери што ги користат луѓе во терминална фаза на рак кога морфинот повеќе не помага. Предизвика неверојатно голем број смртни случаи на илегалниот пазар во Америка, па во таа земја беше прогласена опиоидна криза – објаснува Лукиќ.
Таа вели дека зомби-дрогата се меша со хероин за да има посилен ефект и додава дека во САД, од 180.000 смртни случаи од зависност, 70 отсто се поради фентанил.
– Што е уште полошо, почнаа да го мешаат со хероин, додавајќи ксилазин, силен анестетик што се користи во ветеринарната медицина за заспивање на големите животни. Го продолжува дејството на фентанилот, па на улиците можете да видите зашеметени луѓе како шетаат како зомби и затоа го нарекуваат зомби-дрога – вели токсикологот.

Тестови за откривање фентанил

За што е можно побрзо констатирање дали некој е корисник на оваа дрога во српските аптеки веќе наголемо се продава тест за присуство на оваа дрога во крвта. Со оглед на тоа што нејзини корисници се претежно млади лица, сосема оправдано е продавањето, кое на родителите ќе им помогне побрзо да ги земат работите во свои раце.
– Вакви тестови може да се купат во аптеки. Сега немам никакви информации до каде се опремени нашите аптеки со тестови со кои насочено може да се утврди фентанил, но би апелирала до аптеките, доколку веќе се регистрирани такви тестови во Србија, да се снабдат барем со одредено количество за да може да ги користат сите оние што се сомневаат дека некој нивен близок е навлечен на оваа нова опасност- рече таа.
Лукиќ објаснува дека цената на зомби-дрогата е 10 евра и се прави во различни форми, не е скап лек и едноставно се подготвува во илегални лаборатории. Може да се консумира на различни начини и тоа е најопасно.
– Нешто преку шприц, нешто шмркано, може да се консумира на различни начини. Бидејќи се користи за медицински цели, на пример во вид на фластери, некои луѓе имаат тенденција да ги делат тие фластери, потоа да ги цицаат, да ги земаат орално. Има и апчиња фентанил… Сѐ што им е достапно консумираат. На пазарот има дури и пудра – изјави Лукиќ.
Во Македонија, според полициските билтени, сѐ уште не е регистрирано, барем официјално, присуство на фентанил на пазарот. Тоа не значи дека овој опијат го нема, туку дека сѐ уште не ѝ паднал во рацете на полицијата. Но, со оглед на сѐ почестите рации и полициски заплени, според криминолозите, се очекува да се пронајде и оваа дрога.
– Прашање на време е само кога официјално ќе соопштат од МВР дека фентанилот е присутен во земјава – вели криминологот со кој се консултиравме.


Фентанилот наспроти другите наркотици

Фентанилот е исклучиво силен синтетички опиоиден аналгетик (лек против болки), кој е доста сличен на морфиумот, но е за 50-100 пати посилен од него. Создаден е во 1959 година од страна на докторот Паул Јансен, белгиски хемичар и креатор на компанијата „Јансен фармација“.
Оваа синтетичка дрога во последните години стана извозен хит на мексиканските наркокартели. Една од причините е ниската цена на производство во споредба со традиционалните дроги. Еден тон хероин е еквивалентен на фентанил со тежина од максимум 20 килограми, а мексиканските лаборатории би можеле да произведат стотици илјади дози неделно. За производство на еден килограм фентанил се потребни само два часа. Просечната цена на килограм фентанил во Мексико е пет илјади долари, додека во американските градови како Лос Анџелес, истото количество се продава за 200 илјади долари.
Фентанилот е многу „поисплатлив“ од хероинот поради многубројните предности на синтетичките дроги. Со синтетика може да се произведуваат повеќе и повеќе резерви ако ги имате потребните хемикалии, лаборатории и стручни техничари.
Иако фентанилот главно се произведува во Мексико, хемикалиите за неговото производство доаѓаат од Азија, главно од Индија, Тајланд и од Виетнам. Експертите тврдат дека соработката со експерти од Кина каде што има најнапредни истражувања за сузбивање на оваа супстанција може да биде клучна за напорите да се сузбие фентанилот на европскиот континент.
Според нив, иако хероинот останува најчесто користена дрога во Европа и дрога што е одговорна за најголем дел од смртните случаи предизвикани од дроги, сѐ поголема е загриженоста поради улогата на синтетичките опиоиди во проблемите со дрога во Европа. Дериватите на фентанил особено се загрижувачки поради средишната улога што ја имаат тие во мнозинството опиоиди во Северна Америка. Забележани се смртни случаи како последица на консумирањето фентанил во Европа, а во минатото дериватите на фентанилот беа најчест облик на опиоид што се консумира во Естонија, а понекогаш беа пронајдени и во други земји – се наведува во Европскиот центар за контрола на дрога и зависности од дрога, објавен минатата година.

[email protected]