Мобилната апликација „m.Uslugi“ е активна и достапна за корисниците на уредите со оперативните системи Андроид и иОС. Во моментов преку неа се достапни три електронски услуги: електронска лична карта, електронска возачка дозвола и обрасците М1, М2 и М4, информираше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, пренесе МИА.
Министерството планира постепено да ги пренесува на мобилната апликација најкористените услуги од Националниот портал „uslugi.gov.mk“. Според Андоновски, во следниот период ќе се работи и на воведување можност за електронски плаќања, по што ќе можат да се додаваат и услуги за кои се плаќа административна такса.
-Во моментот ќе внесуваме услуги кои не бараат од вас да платите – рече Андоновски на промоцијата на апликацијата.
Тој посочи дека се очекува и други државни апликации, како „Мое здравје“, „Мој данок“, „Мој ДДВ“ и услугите на локалната самоуправа, да се надградуваат, по примерот на решенијата во други земји.
Според министерот, институциите што веќе имаат објавено услуги на националниот портал се потенцијално подготвени тие да бидат достапни и преку мобилната апликација. Сепак, за услугите што не се поврзани со соодветни внатрешни системи ќе биде потребно повеќе време.
Андоновски рече дека, доколку граѓаните наидат на грешки при користењето на апликацијата, можат да постават прашање преку модулот во самата апликација или да се обратат до контакт-центарот на порталот „uslugi.gov.mk“. Тој додаде дека апликацијата не е совршена и дека ќе се работи на нејзино подобрување.
Во однос на правната рамка, министерот појасни дека дигиталниот паричник е уреден со Законот за електронски документи и електронска идентификација, во членот 20-г, кој предвидува негова употреба за идентификација на граѓаните.
Сепак, за целосно прифаќање на дигиталните документи ќе бидат потребни постепени измени на правилници и други прописи што сè уште бараат доставување фотокопија од лична карта. Андоновски оцени дека еден од најголемите предизвици ќе биде техничкото приспособување на институциите, кои ќе треба да имаат системи за скенирање и проверка на податоците од дигиталниот паричник.
Како пример, тој посочи дека во моментов сообраќајната полиција не може да ја провери валидноста на дигиталниот паричник, поради што електронската лична карта сè уште не може да се користи за идентификација при сообраќајна контрола. Министерот најави дека јавноста ќе биде информирана кога Министерството за внатрешни работи ќе биде подготвено за таква проверка и кога ќе бидат приспособени потребните подзаконски акти.
Андоновски додаде дека Македонија е меѓу првите земји во регионот што го реализираат ваквото решение и дека до декември 2027 година треба да обезбеди пристапност до европскиот дигитален паричник. Тоа би овозможило прифаќање и на други електронски документи, меѓу кои дипломи, сертификати и уверенија.
































