Фото: Маја Јаневска Илиева

Во тек е изборот на нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), на кој 187 јавни обвинители со право на глас избираат меѓу пет кандидати: Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски, пренесе МИА.

Гласањето започна во 8 часот и ќе трае до 16 часот. Резултатите ќе бидат сумирани на јавна седница, која Македонската информативна агенција (МИА) ќе ја пренесува во живо.

Изборниот процес го спроведува комисија формирана од Советот на јавните обвинители, во состав Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески, по гласањето, оцени дека изборот е значаен демократски процес во кој обвинителите непосредно одлучуваат кој ќе раководи со институцијата надлежна за гонење организиран криминал и корупција.

Тој изрази надеж дека избраниот раководител ќе одговори на предизвиците и ќе придонесе за зајакнување на довербата во обвинителството, како и за поефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата.

Савески нагласи дека значењето на ОЈО ГОКК ги надминува рамките на обвинителскиот систем и има влијание и врз угледот на државата. Во однос на кандидатите, оцени дека сите се докажани професионалци и дека секој од нив има капацитет да одговори на обврските што ги носи функцијата.

Членот на изборната комисија Елвин Вели информираше дека гласањето се одвива непречено. Според неговите податоци, до моментот на давањето на изјавата гласале 10 од вкупно 11 обвинители запишани на избирачкото место во Јавното обвинителство.

Петтемина кандидати ги претставија своите програми пред Советот на јавните обвинители на 13 октомври. Во нивниот фокус беа зајакнувањето на истражните капацитети, борбата против корупцијата и перењето пари, финансиските истраги, ефикасноста во постапувањето и поголемата независност на обвинителството.

Изборот се спроведува поради истекувањето на мандатот на актуелниот раководител на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој беше избран во октомври 2022 година. Огласот за избор беше објавен во „Службен весник“ на 21 август годинава.