Илија Димоски – Шаторо, првиот претседател на Општинското собрание во Прилеп во плуралистичкиот демократски период, е добитник на наградата за животно дело што Општина Прилеп ја доделува по повод 3 Ноември – Денот на ослободувањето на градот.
Одлуката за доделување на наградите ја донесе Комисијата за одбележување значајни личности и настани, која ги утврди и добитниците на плакетите и дипломите „Трети ноември“.
Претседателот на Комисијата, советникот Христијан Тунески, на денешната прес-конференција ги соопшти имињата на добитниците на признанијата за едногодишни остварувања.
Плакетите „Трети ноември“ ќе им бидат доделени на Црковниот хор „Св. Петка“, за активното учество во парохискиот богослужбен живот и духовната дејност на храмот; на винаријата „Сарика“, за одгледувањето винова лоза и производството на автентично вино кое се афирмира како бренд на винските фестивали; на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп, по повод 65 години од постоењето на Меморијалниот музеј „11 Октомври“; како и на компанијата „Витаминка“, по повод 70 години од нејзиното постоење.
На свечената седница на 3 Ноември ќе бидат доделени и осум дипломи на поединци кои постигнале значајни резултати во изминатата година и го афирмирале Прилеп на национално и меѓународно ниво.
Добитници на дипломите „Трети ноември“ се:
- Никола Здравески, за освоените златен и сребрен медал на Светската олимпијада по географија;
- Кирил Петрески, постхумно, за неговиот долгогодишен придонес како драматург и режисер во Театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп;
- Благица Чатлеска, наставничка по англиски јазик во ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп, која годинава беше прогласена за најдобар просветен работник во Македонија;
- Димитар Димитриоски, ракометар и најдобар стрелец во Ракометната суперлига на Македонија;
- Стефче Стојковски, музички уметник и чувар на македонскиот фолклор;
- Матеј Белистојаноски, светски и европски првак во карате во својата категорија;
- проф. д-р Антонио Јакимовски, за придонесот во остварувањето високи достигнувања во областа на археологијата;
- Марјан Стојаноски, скулптор, за придонесот во областа на уметноста во Прилеп.
Наградите и признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на 3 Ноември, на свечена седница по повод Денот на ослободувањето на Прилеп.
































