Фото: ТАВ

Порастот на бројот на патници на двата македонски аеродроми продолжува и со почетокот на зимскиот распоред на летање. Во периодот од 1 јануари до 25 октомври 2026 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, управувани од ТАВ Македонија, опслужиле вкупно 3.651.073 патници, што претставува зголемување од 28% во споредба со истиот период минатата година.
Во истиот период биле реализирани 24.232 летови, што е пораст од 10% во споредба со истиот период во 2025 година.
Позитивниот тренд продолжил и во октомври. Во периодот од 1 до 25 октомври 2026 година, двата аеродрома опслужиле 321.953 патници, односно 24% повеќе во споредба со истиот период лани, а биле реализирани 2.085 летови, односно 9% повеќе во споредба со периодот од 1 до 25 октомври 2025 година.
Според генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, континуираниот пораст на патничкиот сообраќај и развојот на воздушната поврзаност се важни показатели за потенцијалот на македонскиот пазар, додека компанијата продолжува да работи на проширување на мрежата на дестинации и привлекување нови авиопревозници.

-Еден од главните приоритети на ТАВ Македонија е долгорочниот развој и унапредување на авиосообраќајот, преку продлабочување на партнерствата со авиокомпаниите што веќе оперираат на македонскиот пазар, привлекување нови авиопревозници и зголемување на бројот на дестинации достапни од Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. За остварување на овие цели, континуирано ги претставуваме можностите и потенцијалите на македонскиот пазар на меѓународните саеми за авијација и туризам на кои учествуваме како дел од ТАВ Аеродроми, но и преку директни контакти и иницијативи кон авиокомпании од целиот свет.Токму изминатите неколку дена, ТАВ Македонија заедно со ТАВ Аеродроми и групацијата АДП присуствуваше на Routes World 2026, еден од главните саеми за авијација, кој се одржа во Франкфурт, каде што одржавме состаноци со авиокомпании, презентирајќи им го потенцијалот на македонските аеродроми. На овој начин постојано работиме на зголемување на нивниот интерес за македонскиот пазар и создавање услови за воспоставување нови авиолинии.Веруваме дека развојот на воздушната поврзаност има значајна улога во поттикнувањето на туризмот, бизнисот и економските активности во земјата. Затоа, нашите напори се насочени кон тоа двата аеродрома да одговорат на потребите на пазарот, да останат атрактивни за авиопревозниците и да обезбедат сè поголем избор на можности за патниците кои патуваат од и до Македонија – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Зимскиот распоред на летови од Меѓународниот Аеродром Скопје и од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид почна на 25 октомври 2026 година и ќе трае до 27 март 2027 година.
Во текот на зимската сезона, патниците ќе имаат на располагање вкупно 56 дестинации од двата македонски аеродроми, со кои ќе сообраќаат 17 авиокомпании.
Меѓународниот Аеродром Скопје ќе биде поврзан со 45 редовни дестинации, кои ќе ги опслужуваат 13 авиокомпании, како и со 7 чартер дестинации, за кои е предвидена една авиокомпанија.
Од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, во текот на зимската сезона 2026/2027 година, патниците ќе можат да летаат до 4 дестинации со 3 авиокомпании.