Фото: Фејсбук / Бенџамин Нетанјаху

Блокот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се очекува да освои 53 пратенички места откако беа пребројани сите редовни гласачки ливчиња од вчерашните избори, додека опозицискиот блок предводен од Гади Ајзенкот се очекува да освои 48 места, објави телевизијата „Канал 12“.

Според проекциите, претежно арапските партии би требало да добијат 19 места, што значи дека ниту еден од двата главни блока нема да го достигне прагот од 61 пратеничко место потребен за мнозинство во Кнесетот, кој брои 120 пратеници.

Конечната распределба на пратеничките места зависи од пребројувањето на повеќе од 500.000 специјални гласачки ливчиња во двојни коверти. Овој начин на гласање се применува за избирачите кои гласаат надвор од матичните места – војници, дипломати, полициски службеници и раселени лица – при што гласачкото ливче се става во коверт, кој потоа се става во втор плик со личните податоци за да се спречи двојно гласање.

Елад Навех, директор на контролниот центар на Централната изборна комисија, изјави дека пребројувањето на двојните коверти започнува вечерва и треба да заврши до утре вечер, со можност процесот да продолжи и до петок.

Излезноста на изборите достигна 77,7 отсто, што е највисоко ниво од 1999 година. Право на глас имаа повеќе од 7,3 милиони Израелци на овие избори, кои се први по почетокот на израелската војна во Појасот Газа во октомври 2023 година.