Фото: Пиксабеј

Вкупно 41 лице беа уапсени денеска во голема полициска операција против калабриската мафијашка организација Ндрангета, спроведена во областа Козенца, во јужна Италија, објави италијанската новинска агенција АНСА.

Осомничените се товарат за повеќе кривични дела, меѓу кои учество во мафијашка организација, убиство, нелегално поседување оружје, изнуда, разбојништво, кражба и помагање при нелегална имиграција.

Од вкупно уапсените, за 24 лица е одреден притвор, додека на останатите 17 им е одреден домашен притвор.

Меѓу осомничените е и градоначалникот на Корилјано-Росано, Флавио Стази, кој е претставник на левицата и левоцентристичките политички сили.

Во полициската акција е приведен и Дамијано Пепе, за кого истражителите се сомневаат дека е мафијашки бос. Тој минатата недела беше ранет во обид за атентат.

Истрагата треба да ги утврди улогите на осомничените и нивната наводна поврзаност со криминалната организација.