Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија е во контакт со американскиот милијардер Илон Маск околу сателитските констелации во ниската земјина орбита – групи од повеќе сателити кои заедно работат во координирани орбити, и покрај сите политички прашања, објави „Би-би-си“.
– Илон Маск е индустриски гениј, во орбитата има повеќе од 5.000 сателити. Во близок контакт сме со нашите американски партнери, вклучително и со господинот Маск – рече Путин за време на обиколката на изложбата на маргините на самитот „Русија – Африка“.
Путин истакна дека лансирањето сателити во орбитата „бара ред и дисциплина“.
– И ние и нашите американски партнери на тоа му придаваме големо значење и, и покрај политичките прашања, тесно соработуваме во оваа област – додаде рускиот претседател.
Тој изјави дека Русија е во контакт со САД кога станува збор за соработката во областа на космосот, а посебно со директорот на компанијата SpaceX, која управува со сателитската мрежа Старлинк, Илон Маск.
Путин рече дека рускиот сателитски систем „Рассвет“, кој е сличен на „Старлинк“, засега е дури на почетокот на развојот, како и дека неговиот квалитет е висок, а сега е неопходно да се лансира доволен број сателити.
Рускиот претседател потсети дека во моментов во орбитата се наоѓаат околу 30 сателити од овој систем.
– Ова е само наш прв чекор. Но, горди сме што ја почнавме оваа работа и што ја почнавме самостојно. Направивме само прв чекор. Но, важно е што тој е направен. Квалитетот постои. Сега е важно од квалитет да преминеме на квантитет – истакна Путин.
































