Архива / Фото: Твитер/МААЕ

Украинскиот нуклеарен оператор „Енергоатом“ денеска ја обвини Русија за повторно бомбардирање на локацијата на нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа.

– Во текот на ноќта руските терористи повторно ја бомбардираа нуклеарната централа во Запорожје – соопшти „Енергоатом“ на Телеграм.

Во бомбардирањето бил оштетен далновод, што предизвикало застој на неколку трансформатори на реакторот број шест и краткотрајно стартување на единицата за итни случаи, соопшти „Енергоатом.“

– Дури и присуството на инспектори од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) не ги спречува Русите – се вели во соопштението.

Енергоатом апелираше до МААЕ да преземе „порешителна акција“ против Москва.